Ана Камчева, сопругата на Орце Камчев пристигна во Кривичниот суд каде е повикана како сведок во судскиот процес за случајот „Рекет“, што се води против Бојан Јовановски и Катица Јанева.
Камчева требаше да сведочи на рочиштето во петокот, но тогаш во судница влезе само Камчев со образложение дека неговата сопруга има температура и ќе дојде на наредното рочиште.
Покрај неа, се очекува денеска да сведочи и „сметководителката Мими“ која Камчев ја спомена во неговиот исказ.
Сведочењето на Ана Камчева го најавија и обвинителката Вилма Русковска во нејзините воведни зборови, но и сопругот во неговиот исказ. Орце Камчев во петокот раскажа дека кога влегол во притвор како осомничен во „Империја“ – случај кој според него е монтиран за да се рекетираат пари од бизнисмени, неговата сопруга била повикана на средба со адвокатот Васил Димишков, брат на истражната судијка Весна Димишкова. Средбата била во стан во Капиштен кој го нарекувал „стан за специјални клиенти“.
Камчева, потоа преку посредникот Зоран Милески Кичеец имала средба и со првообвинетиот Јовановски во неговата канцеларија во 1 ТВ. Според исказот на бизнисменот, додека тој бил во притвор сопругата имала и друга средба, но во населбата Орман, а таму била и специјалната обвинителка, која, како што тврди Камчев, директно се заканила дека може да отвори уште три-четири предмети.
„Ана дојде кај мене и ми кажа. Тогаш ситуацијата беше таква што сите беа на нивна страна, тие беа ‘Чарлиевите ангели’, а ние во јавноста бевме криминалци. Ѝ реков на Ана да разговара со луѓето во фирмите да види што може да се направи“, рече Камчев.
Ја обезбедиле првата рата од половина милион евра – 350.000 евра биле нивни преку фирмите, а 150.000 евра наводно ги дал Кичеец, а Камчев требало да му ги врати.
По исплатата, следувала замената на притворот во Шутка со домашен, кога бизнисменот, како што рече, решил со снимки да го документира тоа што се случувало понатаму.
Сметковидителката Мими, пак, меѓудругото Камчев во исказот ја спомена кога одговарајќи на прашања од Боки 13, рече дека со неа со мобилен телефон го снимиле кешот од еден милион евра пред да им ги дадат на обвинетите.
Денешното судско рочиште е вкупно трето, а второ на кое ќе се слушаат сведочења откако на првото беа дадени воведни зборови и обвинетите се произнесуваа за вина. Тогаш Кичеец призна вина за делото примање награда за противзаконито влијание и доби затворска казна од три години.
Инаку, семејството Камчеви уште на првото рочиште преку свој адвокат најави дека ќе бара оштета односно дека од Боки 13 и Јанева ќе бара да ги вратат 1,5 милиони евра. Русковска тогаш рече дека во случајот нема оштетени туку само сведоци, а Камчев во изјава за медиумите најави дека ќе покрене граѓанска постапка за да ги врати парите.