Зголемен е интензитетот на патните правци надвор од градските средини
На двата најфреквентни гранични премини Табановце и Богородица времето на чекање за излез од државата е околу 30 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти утрово АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози со зголемен интензитет на патните правци надвор од градските средини.
Од АМСМ потсетуваат дека од 9 до 20 август 2022 година, на патниот правец раскрсница Маврово – Галичник Р- 2238 поради изведување градежни работи (асфалтирање) сообраќајот ќе биде во прекин помеѓу 10:00 и 16:00 часот. Работите се изведуваат само во работни денови.
Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.