Уставниот суд нема да расправа дали амнестијата за настаните од 27 април 2017 во Собранието е уставна или не. Мнозинството судии на тајно гласање денеска одлучија да не ги прифатат двете иницијативи за кои расправаа на денешната седница.

Едната иницијатива се однесува на испитување на уставноста на Законот во целост, а беше поднесена од Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес. Втората, пак, се однесува на уставноста на членот 2, покрената од адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска, која не е прифатена затоа што Уставниот суд за истиот член веќе се произнесе на почетокот на декември 2019 по иницијатива поднесена од Митко Чавков, која беше одбиена.
Претходно, на јавниот дел од седницата на Уставен, уставните судии излегоа со поделени ставови околу двете иницијативи. Дел од нив, сметаа дека треба да се отфрлат, додека други беа за да се прифатат, како и дека Законот за амнестија е противуставен.
Во членот 2 од Законот за амнестија, за кој адвокатката Јошевска Анастасовска бараше уставните судии да се произнесат, а претходно таква иницијатива имаше и од Чавков, се опишува постапката за барање амнестија и дека судот е тој што носи решение дали некој треба да биде амнестиран или не.

Така, за лицата против кои се води кривична постапката за настаните од 27 април 2017, а кои не се правосилно осудени, се вели дека тие поднесуваат барање до судот пред кои се води постапката. А судот, пак, одлучува откако претходно ќе добие мислење од јавниот обвинител.
За оние што се правосилно осудени, пак, се вели дека по службена должност постапка поведува затворот каде што лицето ја издржува казната, а одлуката ја носи судот што ја изрекол првостепената пресуда.
Чавков, кој го оспоруваше членот 2, со првостепена пресуда беше осуден на 18 години затвор во досега најобемниот предмет за случајот „27 април“ во кој беа опфатени вкупно 33 лица. Со носењето на Законот, 15 од нив добија амнестија, а освен ексдиректорот на БЈБ, не се спасија ниту останатите вработени во МВР и директните извршители на насилството.
Амнестијата ги опфати петтемина пратеници: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, од кои првите тројца потоа гласаа и за уставните измени. Амнестирани беа и водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески-Бетмен и Владо Јовановски. Игор Дурловски, кој беше во оваа група, воопшто и не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда.
Со амнестијата се спасија и: браќата Стефан и Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.
Покрај 15 обвинети, амнестирани беа уште 10 други лица опфатени во помалите предмети кои се однесуваа на учество во толпа.
*Поврзана вест: