Централната команда на американската војска, денеска, на социјалната мрежа Икс соопшти дека во неделата околу 16:45 часот по локално време бунтовниците истрелале противбродска крстосувачка ракета кон разурнувач на американската морнарица

Американската војска соопшти дека уште еден проектил истрелан од јеменските бунтовници хути бил пресретнат во јужниот дел на Црвеното Море.
Централната команда на американската војска денеска на социјалната мрежа Икс соопшти дека во неделата околу 16:45 часот по локално време бунтовниците истрелале противбродска крстосувачка ракета кон разурнувач на американската морнарица.
„Ракетата беше пресретната од американските воздушни сили во близина на јеменскиот крајбрежен град Худајда. Нема извештаи за жртви или материјална штета“,
се вели во објавата на Икс.
On Jan. 14 at approximately 4:45 p.m. (Sanaa time), an anti-ship cruise missile was fired from Iranian-backed Houthi militant areas of Yemen toward USS Laboon (DDG 58), which was operating in the Southern Red Sea. The missile was shot down in vicinity of the coast of Hudaydah by… pic.twitter.com/jftZHQhA2e
— U.S. Central Command (@CENTCOM) January 15, 2024
Од избувнувањето на војната во Газа меѓу Израел и исламистичката милитантна група Хамас, хутите во Јемен, поддржани од Иран, постојано напаѓаа бродови во Црвеното Море.
Пресретнувањето на ракетата во воздух е последниот од низа инциденти во Црвеното Море каде што хутите го напаѓаат меѓународниот бродски сообраќај. Како што велат, тоа го прават за поддршка на Палестинците под опсада од израелските сили во Појасот Газа, пренесува Ројтерс.
Истрелувањето на проектилот следи по серијата американски и британски воздушни напади врз цели на хутите во Јемен кои предизвикаа закани за силен одговор од милитантите поддржани од Иран. Сето тоа ја зголемува загриженоста од проширување на конфликтот на Блискиот Исток надвор од Газа.
Американските сили во саботата извршија дополнителни напади врз локации на хутите во Јемен, еден ден откако во координација со Велика Британија извршија одделни воздушни и ракетни напади на областите кои се под контрола на јеменските хути.
Централната команда на САД во објава на социјалните мрежи соопшти дека последниот напад на американската војска бил насочен кон радарски објект на хутите, со цел да се наруши способноста на оваа група да напаѓа поморски, вклучително и комерцијални бродови.
Во неделата, шефот на либанското движење Хезболах, поддржано од Иран, Хасан Насрала, рече дека неодамнешните американски напади врз јеменските хути ќе му наштетат на глобалниот бродски транспорт во Црвеното Море.
„Неодамнешната агресија врз Јемен претставува американско-британска глупост и американска недоследност. Во исто време кога Американците повикуваат војната да не се шири, тие ја прошируваат. Она што Американците го направија во Црвеното Море ќе му наштети на меѓународниот бродски транспорт како целина“,
рече Насрала во телевизиско обраќање.
Претходно во неделата хутите се пожалија дека американски авиони биле забележани како летаат блиску до јеменскиот воздушен простор и крајбрежните области.
Портпаролот на хутите, Мохамед Абдулсалам, ја опиша активноста на „непријателските“ авиони како очигледно кршење на националниот суверенитет, пренесува Ројтерс.