Амбасадорката Брнс изјави дека е охрабрена од мерките за заштита што се преземаат и дека се надева оти тоа ќе ги охрабри и граѓаните да го искористат своето демократско право на глас
Американската амбасадорка во Скопје, Кејт Мери Брнс, изрази денеска очекување дека граѓаните ќе се охрабрат да излезат во поголем број на изборите в среда, со оглед на сите преземени мерки за да се обезбеди гласање во здрава средина.
Со цел да се зголеми безбедноста на гласањето, Амбасадата на САД во земјава денеска на Државната изборна комисија ѝ предаде донација од 50 илјади заштитни маски и 10 илјади дезинфициенси, како поддршка во напорите да се заштити здравјето на граѓаните и на изборната администрација во текот на изборниот процес.
„Ќе видиме каков ќе биде одѕивот на гласачите. Како и сите други, охрабрени сме од мерките за заштита што се преземени и од одличната комуникација што е преземена од Владата за да ги охрабри гласачите да излезат и да го остварат своето демократско право на глас и избор и да го направат тоа безбедно и во здрава средина. Се надеваме дека тоа ќе биде ситуацијата на денот на изборите за кои гласањето почна денеска. Горди сме што можевме да помогнеме преку обезбедување на оваа опрема и се надеваме дека тоа ќе помогне граѓаните да имаат доверба во овие дополнителни мерки“,
рече амбасадорката Брнс.
Таа потенцира дека заштитната опрема и дезинфициенсите се исклучително барани во светот за време на оваа пандемија бидејќи, како што рече, сите земји се обидуваат да обезбедат доволно количини за да ги заштитат своите граѓани.