Откако ВМРО-ДПМНЕ и Демократски сојуз соопштија дека нема да учествуваат во работна група за измена на Уставот, негативен одговор за оваа тема пристигна и од партијата Алтернатива
Генералниот секретар на партијата, Зекирија Ибрахими, изјави дека Алтернатива нема да биде дел од работната група за уставни измени, а причината за ваквата одлука е тоа што за нив не може да постојат работни групи за изготвување или, пак, за подготовка на уставните измени се додека не се постигне консензус помеѓу политичките партии за поддршка на овие измени, кои се неопходни за продолжување на интеграцијата на земјата во Европската Унија.
„За нас не може да има работни групи за составување или подготовка на уставните измени без да има претходно политички консензус помеѓу политичките партии за поддршка на тие измени, преку кои треба да се отвори патот за интеграција на земјата во Европската Унија“,
рече Ибрахими.
Претходно и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека неговата партија нема да учествува во работната група за уставните измени, воедно истакнувајќи дека во оваа фаза тоа е беспредметно и оти власта сака да го политизира процесот. По повикот, што вчера го упати вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ до ВМРО-ДПМНЕ да се вклучат во процесот и во рамки на работната група да ги кажат ставовите, Мицкоски рече дека повеќе нема да се занимава со тоа прашање.
„Нема да учествуваме во работната група, тоа сме го кажале многу пати во минатото, ги кажавме и причините затоа што работата на оваа работна група сега во оваа фаза е тотално беспредметна. И врвни правни експерти го коментираат тоа, дека овој прв чекор е практично утврдување на потреба за отворање на Уставот и доколку има две третини тогаш веќе се формира Уставна комисија, па се разгледуваат амандмани, се драфтираат, итн. Сега е тотално беспредметно, сакаат да го политизираат процесот. Еве уште еднаш јавно го кажувам ставот, и повеќе нема да се занимавам со таа тема, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работата на Комисијата која ја формира Министерството за правда, а има цел да работи на амандманите кои се потребни за уставните измени“,
рече Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што хрватскиот модел за промена на Уставот се отфрли од власта, Мицкоски истакна дека од ВМРО-ДПМНЕ го предложиле хрватскиот модел бидејќи и самата власт го предлагала како добар модел, а за него зборувале премиерот Димитар Ковачевски, министерот за надворешни работи, претставници на меѓународната заедница.
„Свесни дека може да трпиме политичка штета и критика излеговме во јавноста и кажавме во ред, свесни сме дека ќе не критикуваат поедини платени инсталации на власта, со би рекол казино пари, но одлучени сме да застанеме и да кажеме го прифаќаме хрватскиот модел и истиот тој модел да го примениме за нашиот Устав, но сега од страна на Владата повторно имаме ретерирање, односно чекор назад“,
кажа Мицкоски.
Учество во работните групи нема да земе ниту Демократски сојуз од каде што изјавија дека промената на македонскиот устав е неприфатлива без реципроцитет, но и дека сѐ додека Бугарија го негира македонскиот народ, како и автентичноста на македонскиот јазик, Република Македонија не треба да почнува постапка за промена на Уставот.