Во близина на граничниот премин Табановце се забележани нелегални мигранти, кои се поврзуваат со најновиот бран кој почна да го чувствува Грција по одлуката на Турција да им ги отвори границите кон европските земји.
Алсат објави видео на кое се гледаат неколкумина мигранти како се движат покрај автопатот.

Но, од МВР велат дека ситуацијата на државните граници е непроменета, а настаните во регионот постојано се следат. Притоа не се коментира конкретната снимка.
Ваков одговор вчера синхронизирано дадоа и техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев и дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска.
Тензии и солзавец во Грција
И додека кај нас нема информации за притисок на границите, на југ во Грција ситуацијата од вчера е прилично тензична, како на копнениот граничен премин меѓу Турција и Грција кај Еврос, каде што се собрани илјадници бегалци и мигранти, така и на островите во близина на турското крајбрежје, каде што и покрај студеното време пристигнуваат пластични и гумени чамци.

На преминот Кастањес, кој веќе 24 часа е затворен, и во текот на ноќта, но и денеска се случија инциденти и обиди за влез во Грција.
Бегалците и мигрантите со камења и предмети ја напаѓаат грчката страна, а специјалните полициски сили и граничната полиција на Грција, одговараат со солзавци и шок бомби за луѓето да се оддалечат од граничната линија.

Грчките медиуми објавија фотографии од пакувања турски солзавци, за кои тврдат дека се нашле на територијата на Грција.
Грчката Влада утрово соопшти дека насобрани се над 4 000 бегалци и мигранти, а според локалните медиуми, оваа бројка постојано се зголемува, бидејќи како што објавуваат, од Турција лицата со автобуси и комбиња се пренесуваат до граничниот премин со Грција.

Според „Катимерини“, во текот на вечерните часови се очекува да пристигнат 400 полицајци, како и уште четири специјални полициски единици од Атина, а ситуацијата на и околу границата се надгледува со дронови.
И покрај лошите временски услови, во изминатите 24 часа, на Лезбос и Самос пристигнале 122 бегалци и мигранти, а грчката крајбрежна служба, во два случаи спасила вкупно 58 лица.

Во текот на ноќта, според локалните медиуми, тензично било во прифатните центри и на Лезбос и на Иос. Во кампот Морија, се проширила лажна вест дека границите се отворени, а на пристаништето е закотвен брод за пренесување на бегалците и мигрантите во копнениот дел на Грција.
По ова стотици баратели на азил излегле на улиците и се упатиле кон пристаништето на Лезбос.
На островот Иос, во бегалскиот камп ВИАЛ, синоќа избиле инциденти меѓу Сиријци и Сомалијци и биле запалени најмалку 13 шатори, според локалните медиуми, додека пак тензиите продолжиле и во текот на денешниот ден.

Грчката државна телевизија ЕРТ објави дека полицијата привела пет лица, а 12 биле повредени и пренесени во болница.
Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас бара вонреден состанок на Советот на министрите за надворешни работи на Унијата поради ситуацијата со мигрантите и бегалците, а грчките медиуми јавуваат дека Дендиас на оваа тема веќе разговарал и со министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Австрија, Бугарија и Турција.
Ситуацијата стана тензична откако Турција одлучи да ги отвори границите за мигрантите кои од 2015-2026 се на нејзина тероторија кон Европа во знак на револт поради завчерашниот напад врз нејзините сили во Идлиб, Сирија, при што загинаа повеќе од 30 турски војници.