„Алкалоид“ соопшти дека на пазарот има производи што претставуваат фалсификати на средствата за дезинфекција што ги произведуваат, „екосал“ и „дезинтал“, а се воедно и нивни заштитени трговски марки.
Од компанијата апелираат купувачите да внимаваат при купувањето бидејќи фалсификуваните производи не ги исполнуваат стандардите за квалитет, при што би можело да дојде до несакани дејства врз безбедноста и врз здравјето на купувачите. Исто така, се доведува во прашање и ефикасноста на овие производи, кои во моменталната ситуација се од исклучителна важност.
За да им помогнат на купувачите да ги препознаат оригиналните производи „екосал“ и „дезинтал“ произведени од „Алкалоид“, за чии квалитет и безбедност гарантираат, од компанијата укажуваат на детали што може да се забележат на самото пакување на производите.
„На етикетите секогаш стои логото на „Алкалоид“, како и логата на ‘екосал“ и „дезинтал’ , кои гарантираат за оригиналното потекло на производители за преземените мерки во делот на нивната регистрација, во согласност со важечките регулативи, како производител секогаш е назначен „Алкалоид“ АД Скопје, што подразбира дека производите се произведуваат и се полнат во контролирани услови на производство, производот ‘екосал’ се произведува во пакување од 500 ml, со затворање приспособено на типот на производот – антисептик, наспроти фалсификуваното пакување од 1000 ml, какво што досега не е пласирано на пазарот од ‘Алкалоид’, производите доаѓаат со соодветно упатство за употреба, за кое можеме да гарантираме само доколку се произведени и доколку се спакувани во фабричките погони на ‘Алкалоид’ АД Скопје“,
велат од компанијата.