Како што вчера информираше премиерот Христијан Мицкоски, „Алкалоид“ ќе му додели и стипендија на младиот херој Јован од Виница кој спаси 21 лице од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани
Компанијата „Алкалоид“ ќе донира 15 милиони денари за поддршка на настраданите граѓани и нивните семејства засегнати од стравичната трагедија во Кочани, соопштија од компанијата. Парите се уплатени во фондот на нивниот долгогодишен партенр, Црвениот крст на РСМ, а за нивните 167 волонтери изразија благодарност, затоа што безрезервно помагаат во бројни ситуации.
„Со изрази на висока почит кон покажаната хуманост на македонските државјани од земјава и од странство, како и кон сите пријателски и добронамерни гестови од поединци и организации во земјава и ширум светот, ‘Алкалоид’ се приклучува кон масовната акција за помош на настраданите во трагичниот пожар во Кочани. Во оваа прилика, би сакале да искажеме посебна благодарност и до сите здравствени системи и здравствени професионалци во земјава, во регионот и низ Европа, кои несебично ги ставија на располагање своите ресурси и знаења во клучните моменти од животоспасувачката мисија“,
се наведува во соопштението на компанијата.
Оттаму нагласуваат дека од денот на трагедијата, 16 март наваму, во неколку наврати, симболично им помогнале на здравствените установи во Македонија со производи од својот асортиман, во делот на пројавените потреби.
„Покрај горенаведената финансиска донација преку Фондот на солидарност на Црвениот Крст, компанијата ќе продолжи да помага онаму каде е потребна помош и поддршка. Би сакале да ги поздравиме напорите за помош на сите поединци и организации, кои со сопствени ресурси и несебични ангажмани придонеле и придонесуваат за поефикасно справување со трагичните последици“,
велат од компанијата.
Како што вчера информираше премиерот Христијан Мицкоски, „Алкалоид“ ќе му додели и стипендија на младиот херој Јован од Виница кој спаси 21 лице од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани.
Како што информираа вчера од Црвениот крст, на уште осум семејства на повредните во пожарот во Кочани, а кои се лекуваат во болниците надвор од земјава, им се исплатени по 150 илјади денари.
Досега со исплатата се опфатени 58 семејства од починатите лица вклучувајќи го и тоа на починатиот возач на Брзата помош од Кочани и 99 семејства на пациенти што се лекуваат во странство.
Заклучно со вчерашниот ден, како што информираа од Црвениот крст, собрани се вкупно 65 978 726 денари донации.