Додека вицепремиерот од редовите на ДУИ, Артан Груби, најавува дека парламентарното мнозинство ќе расте, од Алијансата на Албанците ги повикуваат пратениците да се приклучат на нивниот табор
Алијанса за Албанците ги повикува пратениците од, како што велат, „владиното малцинство“, да преминат во редовите на, според нив, прогресивната опозиција. Од партијата на Села велат дека приказните за евроинтеграциии се само алиби за бегање од правда.
„Ги повикуваме пратениците на ова владино малцинство: сите тие што сакаат да ја спасат државата од организиран криминал, од корупција, од незнаење, да се приклучат на прогресивната опозиција. Приказните за евроинтеграциите на овој пропаднат режим се само алиби за бегство од правдата. Европската Унија не се постигнува со Боки13, Зоки Кичеец, Вице Заев, партизирани судии и обвинители, инспектори кои изнудуваат бизниси и купуваат и уценуваат пратеници“,
се вели во партиското соопштение.
Реакцијата на Алијанса за Албанците доаѓа откако претходно денеска вицепремиерот од редовите на ДУИ, Артан Груби, кажа дека парламентарното мнозинство ќе расте и ќе опстои за да се спроведе програмата што ја поддржале граѓаните на парламентарните избори во 2020 година.
„Сметам дека парламентарното мнозинство ќе расте со пратениците кои подржуват евроатлантска Северна Македонија. Во деновите пред нас, убеден сум дека и други пратеници ќе се придружат на ова парламентарно мнозинство“,
рече Груби.
Вчера пак, претседателот Стево Пендаровски кажа дека следнава недела би требало да стане појасно како ќе се развива ситуацијата по неуспешниот обид за изгласување недоверба на Владата. Прашан дали ќе има предвремени парламентарни избори, шефот на државата појасни дека, според Уставот, постои само еден начин за распишување предвремени избори, а тоа е да има 61 пратенички глас за распуштање на парламентот.