„Владеењето со чисти раце не е само слоган, туку и морална и политичка обврска за секој член на партијата, бидејќи довербата на граѓаните се стекнува и се одржува само со посветеност, чесност и интегритет“, се вели во партиското соопштение
Алијанса за Албанците (АА) на Арбен Таравари го исклучи од партијата Мухсин Арифи, в. д. директорот на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“-Скопје, а кого Обвинителството го сомничи за примање поткуп за болничко згрижување лице.
Директорот на Геријатрија на функцијата е назначен како кадар на оваа партија.
Мухсин Арифи, в. д. директорот на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“-Скопје
Од партијата преку писмено соопштение информираат дека комисијата за етика на АА на состанок одржан вчера го разгледала случајот со Мухсин Арифи, претседателот на огранокот Сарај и директор на геријатриската болница, осомничен од надлежните органи за земање мито.
„Комисијата за етика донесе одлука за итно исклучување од партијата на Мухсин Арифи, како и негово разрешување од функцијата претседател на огранокот Сарај, до донесување на конечна одлука од надлежниот суд. Партијата нема да толерира никаква злоупотреба, прекрушување на законот или на етичкиот кодекс“,
пишува во партиското соопштение.
Според етичкиот кодекс на партијата, како што додаваат оттаму, се бара политичките претставници да имаат високи стандарди на морален, правен и професионален интегритет, а членовите на раководните структури да постапуваат во согласност со законот, програмата и статутот, избегнувајќи лични финансиски или материјални придобивки.
„Владеењето со чисти раце не е само слоган, туку и морална и политичка обврска за секој член на партијата, бидејќи довербата на граѓаните се стекнува и се одржува само со посветеност, чесност и интегритет“,
Во акцијата е спроведена во координација на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) пред два дена се приведени две лица, меѓу кои директор на здравствена установа, поради сомнение за примање поткуп во износ од 20 илјади евра.
„Директорот, заедно со посредник, барале и примале поткуп за сместување на болно и неподвижно лице во геријатриска установа“,
напиша на Фејсбук директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.
Веднаш по приведувањето на Мухсин Арифи – в.д. директорот на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“-Скопје се огласија и од Министерството за здравство со кое раководи токму Тарвари, посочувајќи дека им стојат на располагање на институциите доколку се потребни какви било информации по службена должност.
Инаку, Основниот кривичен суд Скопје им определи 30-дневен притвор на директорот на Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје и на неговиот посредник.