Потпретседателот на АА на Села упати апел да не се злоупотребува името на партијата бидејќи, како што кажа, Алијанса за Албанците има легитимен претседател – Зијадин Села, легитимни органи, претседателство и легитимно собрание
Лажго, манипулатор и извршител на наредбите на Христијан Мицкоски. Со вакви епитети и квалификации Ремзи Мехмеди, потпретседателот на крилото на Алијанса на Албанците (АА) на Зијадин Села, денеска го критикуваше лидерот на другото крило на Алијансата, Арбен Таравари, по вонредниот партиски конгрес што тој заедно со своите поддржувачи вчера го одржа во Тетово под мотото „Промената продолжува“.
Говорејќи на прес-конференција пред Основниот суд во Тетово, Мехмеди го оспори конгресот на Алијанса на Албанците на Таравари оценувајќи го настанот како уште еден обид за манипулација со името на партијата.
„Лажгото повторно пушти поплава од лаги во својата мисија на сервилна служба на кујните кои ниту во минатото ниту денес не им посакувале и не им посакуваат добро на Албанците… Вчера немаше конгрес на Алијансата за Албанците, ниту редовен ниту вонреден, туку обичен спектакл ала Тараварче, срамна фарса со цел да се манипулира со јавноста“,
рече потпретседателот на Алијанса на Села.
Правата, обврските и правилата на однесување во рамките на Алијанса за Албанците, рече Мехмеди, се запишани во Статутот на партијата и за да може вчерашниот настан да се нарече конгрес, на него требало да присуствуваат конгресните делегати избрани на редовниот конгрес на АА во 2022 година, кои се регистрирани во Основниот суд Тетово и чиј мандат според Статутот трае четири години, односно до 2026 година.
Според него, на вчерашниот настан имало луѓе кои никогаш не биле членови на Алијанса за Албанците.
„За да се нарече редовен, одлуката за прогласување на редовен конгресот ја носи партиското собрание, а таква одлука нема. За да бидат наречен вонреден, делегатите кои се делегирани и назначени од членството на АА мора повторно да бидат повикани. Вчера немаше партиски делегати, но имаше луѓе, дури и од други партии, од кои голем дел се бореа против Алијансата за Албанците, никогаш не биле нејзини членови и нема да бидат. Тоа беа стрелачки одреди кои заедно со Арбен Таравар го правеа последниот обид за егзекуција на Алијансата за Албанците. Секако дека нема да успеат. Дополнително, член 25 од важечкиот статут го одредува начинот на кој се избираат делегатите на конгресот. Во отсуство на делегати нема конгрес, во отсуство на делегати нема легитимни или законски одлуки, затоа вчерашната фарса останува фарса и ништо повеќе“,
рече Мехмеди.
За потсетување, по расколот во Алијанса за Албанците, двете крила почнаа судска постапка за тоа кому треба да му припаднат партиските печати. Тетовскиот Основен суд во април пресуди дека нив треба да ги добие Зијадин Села, но по жалбата од крилото на Таравари, Апелацискиот суд ја укина првостепената одлука и предметот го врати на повторно одлучување.
„Со оглед на тоа што нема правосилна судска одлука, конгресот се одржува со мнозинство од пријавените делегати во судот од последниот официјален и легитимен конгрес. Само ние го имавме ова мнозинство од четвртиот конгрес каде за претседател беше избран Зијадин Села. Во меѓувреме, вчера самиот Таравари призна дека одржал обид за конгрес“,
кажа Мехмеди.
Тој упати апел да не се злоупотребува името на партијата, бидејќи, како што кажа, Алијанса за Албанците има легитимен претседател – Зијадин Села, легитимни органи, претседателството и легитимно собрание.
„Го повикуваме Судот да го земе предвид тоа што го кажав погоре, важечките закони и статутот, документите и правилната листа на делегати и да не стане жртва на манипулациите и измамите кои се прават преку ваквите спектакли. Тие што се собраа вчера, од Таравари до останатите членови кои импровизираа дека се избрани, не се легитимни и се разрешени од претходниот конгрес. Може да свикаат конгрес за формирање нов политички субјект или да станат огранок на Мицкоски“,
порача потпретседателот на АА на Села на денешната прес-конференција.
Таравари, пак, пред почеток на вчерашниот вонреден конгрес изјави дека по изборите на 8 мај внатре во партијата имало многу случувања и приклучување на многу нови луѓе, поради што била потреба консолидација на сите ограноци и подограноци.
На конгресот беше усвоена и декларација, со која, меѓу другото, Алијансата на Таравари ја потврдува својата посветеност за доследно спроведување на „Планот 2030“ на коалицијата „Вреди“, како и на програмата на реформската влада, особено интеграцијата на земјава во Европската Унија, воспоставување на правна држава и борба против криминалот и корупцијата.
Лидерот на ова крило од Алијанса на Албанците, Арбен Таравари, околу поделбата на партијата и во исчекување на правната разврска, пред почетокот на Конгресот рече дека очекува судска одлука во корист на членовите кои се мнозинство.