По назначувањето на досегашниот пратеник и претседател на ЛДП – Горан Милевски за министер за локална самоуправа, на неговото пратеничко место доаѓа Александра Цветкоска од СДСМ. Цветкоска која потекнува од Кичево е членка на Централниот одбор на владејачката партија.

Собранието вечерва пред полноќ ги изгласа новите министри на предлог на премиерот Зоран Заев. Освен Милевски кој заминува во ресорот локална самоуправа, по владината реконструкција нов министер за земјоделство е Трајан Димковски, кој беше шеф на кабинет на досегашниот министер Љупчо Николовски, а нов министер за култура е Хисни Исмаили од партијата Алтернатива. Досегашниот министер за животна средина од редовите на ДУИ – Садула Дураку преминува во министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а неговото столче во ресорот животна средина, на предлог на ДУИ го добива Насер Нуредини, кој доаѓа од Виена со искуство од банкарско-финансискиот сектор.
Новите министри вечерва дадоа свечена заклетва во Собранието, а премиерот Зоран Заев кој е нивен предлагач речиси цел ден пред пратениците ги бранеше предложените решенија.
