Шаленберг доаѓа на функцијата канцелар на Австрија откако Себастијан Курц поднесе оставка под притисок поради истрагата на Обвинителството за економски криминал и корупција
Александар Шаленберг денеска положи заклетва пред претседателот Александар Ван дер Белен, со што стана нов канцелар на Австрија.
Шаленберг го смени Себастијан Курц на функцијата канцелар, кој поднесе оставка под притисок поради истрагата на Обвинителството за економски криминал и корупција и го предложи досегашниот шеф на дипломатијата за нов канцелар.
На церемонија Шаленберг се заколна дека ќе го почитува Уставот и законите во државата. По него заклевта положи и новиот министер за надворешни работи, Михаел Линхард, кој беше амбасадор на Австрија во Франција.
Шаленберг, како дипломат имаше неверојатна кариера во последните години, иако, како што кажа во неколку наврати, тоа не го посакувал.
Шаленберг досега не се занимаваше со дневна политика, но во неколку наврати покажа дека им припаѓа на „тврдокорните“ во однос на политиката кон мигрантите.
Тој го привлече вниманието на јавноста пред неколку месеци со подигнување на израелското знаме во седиштето на министерството со кое раководи, како реакција на нападите врз израелските градови.
Шаленберг не е член на Народната партија на Австрија (ОВП), на чиј предлог стана дел од владата.
Тој, на некој начин, беше предодреден да стане дипломат. Неговиот татко беше австриски амбасадор во неколку земји, а подоцна и генерален секретар на Министерството за надворешни работи.
Порасна во Индија, Шпанија и Франција, а е роден во Берн. Студирал право во Виена и Париз, а потоа европско право на Европскиот колеџ во Бриж.
Првото дипломатско искуство го стекна служејќи во правниот оддел на Мисијата на Австрија во ЕУ, а по враќањето стана портпарол на поранешната министерка за надворешни работи, Урсула Пласник, подоцна и на нејзиниот наследник Михаел Шпинделегер, кој се смета за сива еминенција во ОВП.
Кога Себастијан Курц стана министер за надворешни работи го промовираше за шеф на Одделот за планирање на надворешната политика.
Курц сметаше на него во преговорите за формирање коалиција по изборите во 2017 година, па го повлече во неговата канцеларија на позицијата началник на штабот за стратегии и планирање.
Шаленберг дојде на функцијата министер по падот на првата влада на Курц, по аферата „Ибица“, во која „се сопна“ тогашниот коалициски партнер Партијата на слободата.
