Потпретседателот на партијата Алтернатива и поранешен министер за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, во името на албанските партии од опозицијата – Демократско движење, Алтернатива и Движењето Беса денеска на прес-конференција пред седиштето на Европската Унија во Скопје ја обвини власта дека го злоупотребила европското знаменце за измените на Кривичниот законик
Алити вели оти потврда дека власта ја злоупотребува „Европа“ се и коментарите и изјавите на Европската комисија, од каде што претходно кажаа дека измените во Кривичниот законик се несоодветни бидејќи за нив требало да се дискутира подолго и дека со овие измени се зголемува можноста за пораст за неказнивоста кај функционерите.
„Како противодговор за Брисел е изјавата на Али Ахмети од пред неколку дена дека ‘и Брисел и Вашингтон кога ќе влезат во подлабока анализа, ќе ги разберат причините. Ние сме во процес на скрининг и промените во правдата се приоритет’. Овој негов одговор не само што ја навредува интелигенцијата на граѓаните и Европската комисија, туку открива и злоупотребата станала подмет на оваа тема“,
кажа Алити.
Тој рече и дека во земјава сите се навикнати на честата злоупотреба на европското знаменце и кажа дека дури и кога Европската Унија реагира негативно на измените на Кривичниот законик, власта и понатаму манипулира дека тие се неопходни за реформи во правосудството и дека се на иста линија со европските пракси.
„Тоа се случува со децении. Така го злоупотребија и албанското знаме за да манипулираат со Албанците дека се борат за нивниот интерес, како што беше и манипулацијата со идејата на албанскиот премиер, за сега да изјавуваат дека времето на патриотизмот е завршено, а притоа да прејдат на измените во Кривичниот законик со образложение дека тоа е неопходно за реформите во правосудството и тоа е она што ЕУ го побара од нас“,
вели Алити.
Претходно, портпаролката на ЕК, Ана Писинеро, изрази жалење поради недостатокот на консултации со Европската комисија пред усвојувањето на измените во Кривичниот законик, како и за употребата на европското знаменце во парламентарната процедура.
„Жалиме поради недостатокот на сеопфатни консултации со домашните чинители и со ЕК пред нивното усвојување, како и за употребата на процедурата за знаменце на ЕУ, која треба да биде конзистентна и јасно поврзана со законите кои првенствено имаат за цел усогласување на националното право со ЕУ“,
велат од ЕК.
Оттаму потсетија оти С Македонија се обрзала да го промовира владеењето на правото и борбата против неказнивоста и затоа, како што додаде портпаролката на Европската комисија, санкциите за корупциски активности мора да бидат ефективни, пропорционални и разубедувачки.
„Зајакнувањето на довербата во правосудниот систем и несмаленото справување со корупцијата, вклучително и преку солидна истрага, како и гонењето и конечното осудување на случаите на корупција на високо ниво е од клучно значење“,
заклучуваат од ЕК.
Во изјавата, од Европската комисија кажаа оти ќе продолжат да го следат развојот на владеењето на правото во земјава со голема внимателност вклучително и во контекст на пристапните преговори.