Во последното деноноќие се регистрирани само два нови случаи, а бројот на активни случаи падна на 296
По повеќедневните едноцифрени бројки, кои се движеа од пет до девет новозаразени, во последното деноноќие во Албанија се потврдени само два нови случаи со ковид-19, од направените 3 593 тестирања, јави МИА.
Исто така, не е регистриран ниту еден починат, што е петти ден по ред без смртни случаи како последица од опасниот вирус.
Во инфективната клиника во Тирана, моментно, болнички се лекуваат 28 пациенти, од вкупно активните 296 случаи. Ковид пациенти веќе десеттина дена се третираат единствено во оваа клиника, откако поради намалениот број заразени беа затворени болниците ковид два и три во Тирана и петте регионални ковид болници.
Од почетокот на пандемијата, направени се вкупно 736 591 тестирања, а вирусот е потврден кај 132 374 лица, оздравеле 129 627. а починале 2 451.
Во меѓувреме, продолжува вакцинацијата според зацртаната динамика. Како што информираше министерката за здравство Огерта Манастирлиу, досега опфатени се над 785 000 лица, од кои над 210 000 со двете дози.
Во земјата пристигнаа досега вкупно 858 750 вакцини.