По повеќечасовна расправа албанскиот парламент синоќа го усвои пакетот закони за спречување клевета, кој предвидува високи казни за онлајн медиумите и дополнителни овластувања за државните надзорни агенции.
Со новите законски решенија Агенцијата за аудовизуелни медиуми (АМА) добива надлежност да казнува, па дури и да затвора портали доколку оцени дека објавиле клевета или лажни вести.
За пакетот закони гласаа 82 парламентарци од албанското владејачко мнозинство, против беа 13 пратеници, петмина беа воздржани, а исто толку не гласаа.
Пакетот беше усвоен и покрај протестите на 15 албански новинарски здруженија и невладини организации, кои го повикаа парламентот да ги отфрли владините предлог-закони, истакнувајќи дека тие ќе ја нарушат слободата на изразување и слободата на медиумите и се во судир со меѓународните принципи. Тие сметаат дека АМА не може да има надлежност кои му следуваат на судот.
Премиерот Еди Рама, бранејќи го владиниот предлог, од собраниската говорница рече дека целта на усвојувањето на двата нови закона е борба против лажните вести и дека тие биле целосно во согласност со меѓународните стандарди.
„Наша цел е да поставиме стандарди за да се почитуваат човековите права. Владата соработуваше и законите ги подготви заедно со ОБСЕ“, рече Рама.
Но, претставниците на меѓународните организации го демантираат Рама.
Претставникот за слобода на медиумите при ОБСЕ, Харлем Десир, изјави дека на предлог-законот сè уште треба да се работи за да се намалат евентуалните казни за објавување наводно лажни вести, кои се движат до 16.000 евра.
Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, во изјава за медиумите во понеделникот побара текстот на законите да се разгледа од почеток, сметајќи ги за „тежок удар врз слободата на изразување“.
„Длабоко сум загрижена кога дознав дека албанскиот парламент ќе ги разгледува двата предлог-закона, познати како ‘пакет антиклевета’. Овие предлог-закони имаат итна потреба од подобрување. Некои одредби не се во согласност со меѓународните и европските стандарди за човекови права кои ја штитат слободата на изразување и слободата на медиумите“, оцени Мијатовиќ.
Таа, исто така, изрази загриженост за „дискреционото право“ кое ѝ се дава на Агенцијата, која може да изрече високи казни и да блокира медиумски интернет-страници без судски налог, како и воведување контрола од државата врз онлајн медиумите.
Загриженост искажа и Европската комисија која ги повика албанските власти да ги разгледаат препораките од ОБСЕ и од Советот на Европа, за да се обезбеди усогласеност со европските стандарди во областа на слободата на изразување. Последниот збор сепак го има претседателот Илир Мета, кој, имајќи ја предвид поддршката што претходно им ја даде на новинарските здруженија, повеќе од сигурно е дека нема да ги потпише законите и ќе ги врати во парламентот.