Двата авиона Б-52 што ќе летаат над Балканот се сместени во базата „РАФ Ферфорд“ во Глостершир, Велика Британија, а бомбардери од оваа база беа користени и во кампањата на НАТО во Косово во 1999 година
Денеска во 14:30 часот над Скопје се очекува да прелетаат двата најголеми стратегиски бомбардери што ги поседуваат САД – „боинг Б-52“, наречени „тврдина“. Најпрво тие ќе летаат над Дубровник, а потоа овие два бомбардери ќе го надлетаат брегот на Црна Гора, Тирана и Скопје.
Прелетот на стратегиските бомбардери над Македонија го најавија и од Амбасадата на САД во Скопје.
Look up! Today at 2:30 pm there will be a low-altitude flyover of two B-52s in Skopje. The purpose of the flyover is to demonstrate U.S. commitment and assurance to @NATO Allies and Partners in the Balkans. @US_EUCOM #StrongerTogether #WeAreNATO pic.twitter.com/usvUYHLqCl
— U.S. Embassy North Macedonia (@USEmbassySkopje) August 22, 2022
Несомнено е дека ваквата „демонстрација на сила“ носи значајна политичка порака од Соединети Американски Држави, како и од командата на НАТО, која гласи: „Ние сме со вас“, пишува „Ал џезира“.
Дизајниран да лета 24 часа на ден
На крајот на Втората светска војна на земјите од Оската им беше јасно дека губат на сите фронтови – сојузниците напредуваа кон Берлин од сите правци. На германската армија не ѝ преостанаа многу опции, па се сврти кон прототипови на оружје, од кои многу се уште беа во експериментална фаза.
Најпознати секако беа ракетите В-2 (Fau Zwei), кои беа користени за напади врз Лондон и сојузничките позиции во северна Франција. Во почетокот на 1945 година беше направен обид да се лансираат неколку ракети А-4В, кои беа зголемена верзија на В-2, но без успех.
Овие ракети беа направени со помош на работници и инженери од логорот Мителбау-Дора, а повеќе од 20 000 затвореници загинаа за време на нивното производство.
Роберт фон Грејм, командантот на германското воздухопловство Луфтвафе, тогаш даде наредба да се стави во функција авионот „месершмит П-1107“, со цел да се бомбардираат сојузничките конвои кои пристигнуваа на германските граници. П-1107 беше првиот вистински „тежок бомбардер“ со долг дострел, дизајниран под името „америка бомбер“, бидејќи требаше да стигне до Њујорк и источниот брег на САД.
Сепак, ниту еден од осумте P-1107 не беше оперативен, а сојузниците го освоија Берлин една недела подоцна.
Наредба на Ајзенхауер
По војната, американскиот претседател Двајт Ајзенхауер даде наредба веднаш да започне развој на стратегиски бомбардер, кој може да лета до самите граници на СССР, носејќи нуклеарни проектили. Пред тоа, Ајзенхауер беше генерал и врховен командант на сојузничките сили во Европа и знаеше дека бомбардери со долг дострел се клучна предност за заштита на воздушниот просторот на Европа, но и на север до Алјаска.
Во тоа време, компанијата „Боинг“ веќе работеше на развој на неколку авиони од овој тип, а со комбинирање на дизајнот на авионите „модел 4654“ и „Б-47 стратоџет“ беше создаден прототипот XB-52, а првиот лет се случи на 15 април 1952 година. До средината на 1950-тите години беа развиени верзиите B-52B и B-52G, а повеќе од 4 000 американски компании учествуваа во производството на различни делови.
Во градот Вичита, Канзас, беше отворена фабрика која беше посветена на производството само на Б-52 и неговите подверзии. Почетното производство беше завршено во 1962 година, иако беа направени различни усовршувања и подобрувања во следните години. Произведени се вкупно 741 летало, а уште десетина авиони користеле други агенции, како што е НАСА.
Во 1980-тите и 1990-тите години беше лансирана и програмата EF-117, во која неколку Б-52 беа претворени во авиони за електронско извидување и попречување (AWACS). Во 2013 година Военото воздухопловство на Соединетите Американски Држави (USAF) започна голема програма за надградба на бомбардерот Б-52, наречена КОНЕКТ (Combat Network Communications). Како дел од програмата се модернизации на електрониката, навигацијата, компјутерските системи и сателитската опрема.
Најважната надградба е системот AN/ARC-210, кој е еден вид „интернет за авиони“, а пилотите во воздух можат да разменуваат информации и податоци за време на мисијата и да ги испратат до командата на земја. Исто така, авионите Б-52 стационирани во Европа можат да го користат системот „Линк 16“, кој е стандард на НАТО за размена на енкриптирани податоци. Многу од авионите се исто така надградени со системот IWBU за паметен избор на оружје или бомби.
Неколку инциденти
Она што го прави Б-52 „супертврдина“ (Stratofortress) е способноста да носи дури дваесет нуклеарни проектили AGM 69 SRAM. Во 1990-тите беше додадена можност за носење стратегиски ракети со долг дострел АГМ-86, со повеќе нуклеарни боеви глави по проектил. По 2000 година додадена е опцијата за модерни ракети ACM 129, кои имаат и можност за самостоен лет. Верзија на Б-52Н направена за морнарицата може да истрела противбродски ракети SLAM 84, познати и како „харпун“. За напади на утврдени згради или цели градови се користат ракетите AGM 158 JASSM и цела серија наведувани бомби, до вкупна тежина од 32 тони.
За време на Студената војна, помеѓу 1961 и 1973 година, целата флота од бомбардери Б-52 беше постојано во воздух 24 часа на ден. Два бомбардери секогаш беа во воздух, секој од нив носеше неколку нуклеарни проектили. Идејата беше дека, во случај на напад од страна на СССР, секогаш ќе има авиони во воздухот кои би можеле да одговорат на нападот (асиметрично војување).
По серија инциденти и неколку потпишани договори со Советскиот Сојуз, оваа стратегија беше напуштена во раните седумдесетти. При еден од овие летови, над територијата на САД, Б-52 се урна во близина на Голдсборо, Северна Каролина. Две нуклеарни бомби „марк 39“ паднаа на земја во процесот – едната беше недопрена и се спушти со својот падобран, додека другата беше значително оштетена, при што беа вклучени два од четирите системи за активирање.
Тоа беше најблискиот случај на детонација на нуклеарно оружје внатре во САД, а поради чувствителноста на прашањето овој инцидент беше официјално познат дури во 2013 година, иако документите сè уште се државна тајна.
Б-52 за време на војната во Косово
Двата авиони Б-52 кои ќе летаат над Балканот се сместени во базата „РАФ Ферфорд“ во Глостершир, Велика Британија. Ова е еден од најголемите аеродроми за американски авиони во Европа, а се користел и за време на војната во Ирак, како и во сите операции на Заедничката команда на НАТО. Во него се сместени 501-от огранок на воздухопловните сили на САД и 420-от огранок за специјални авијациски операции. Тоа е и Командниот центар за стратегиски воздушни операции (ACC) за Европа.
Во операцијата „Заеднички одговор“ беа користени и бомбардери Б-52, т.е. во кампањата на НАТО во Косово во 1999 година. Тие беа особено активни во бомбардирањето на тогашната граница меѓу СР Југославија и Албанија, каде што масовно беа користени касетни бомби.
Бомбардерите Б-52 беа особено интензивно користени на крајот на бомбардирањето и нападите на аеродромот во Приштина. Во тоа време беа фрлени повеќе од илјада тешки бомби „марк 82“ со боева глава тешка 87 килограми. За време на бомбардирањето на НАТО беа направени околу 64 лета на Б-52 и сите беа со седиште во Велика Британија.