Ал Ануни соопшти и дека Европската Унија и Израел постигнале договор за подобрување на хуманитарната состојба во Газа со овозможување на дистрибуција на поголема помош за цивилното население

Европската Унија не прифаќа какви било демографски промени во Појасот Газа и бара стриктно почитување на меѓународното право и особено Резолуцијата 2735 на Советот за безбедност на ОН, изјави портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ал Ануни во врска со најавите дека Израел планира да го пресели целото население од Газа на мала територија во јужниот дел на Појасот.
„ЕУ ги отфрла обидите за демографски промени во Појасот Газа и го поддржува обединувањето на Појасот Газа со Западниот Брег под контрола на Палестинската управа“,
истакна Ал Ануни на денешната прес-конференција во Европската комисија.
Тој потсети дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, уште во ноември 2023 година истакнала дека Газа ќе биде составен дел од идната палестинска држава и дека е неприфатливо какво и да е насилно раселување на Палестинците.
Ал Ануни соопшти и дека Европската Унија и Израел постигнале договор за подобрување на хуманитарната состојба во Газа со овозможување дистрибуција на поголема помош за цивилното население.
„Мерките треба да бидат имплементирани во наредните денови и тие подразбираат дека помош во голем обем мора да се доставува директно до населението и да се преземат мерки за да се оневозможи нејзино пренасочување кон Хамас“,
посочи Ал Ануни.
Тие чекори, според него, предвидуваат значително зголемување на дневните достави на храна и непрехранбени производи во Газа, отворање на неколку премини за транзит на камионите со помош, дистрибуција на храна преку пекарите и јавни кујни, обнова на објектите за домување, заштита на хуманитарните работници и овозможување на снабдувањето со електрична енергија и вода.
„ЕУ одново повикува на итен прекин на огнот и ослободување на сите преостанати заложници и ги поддржува тековните посреднички напори на Египет, Катар и САД“,
додаде Ал Ануни.