Ова беше дел од нејзиниот одговор на ставовите на нејзиниот противкандидат во трката за шеф на државата Стево Пендаровски кој говорејќи на темата во вечерашниот дуел на ТВ Телма рече дека проблемот не се решава само со менување на регулативите, туку и со менување на начинот на кој се селектираат кадрите во институциите
Подобрувањето на состојбите во правосудниот систем во државата, особено во делот на работата на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители беше една од темите на кои кандидатите за претседател на државата, Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски ги спротивтсавија аргументите во вечерашниот дуел на ТВ Телма.

Според оценката на Пендаровски и Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во изминатиот период не биле на висината на задачата, а решението за напредок во работата на овие две институции го гледа не во нивно укинување, туку преку длабок и прецизно направен ветинг.
Говорејќи во овој контекст тој рече дека проблемот не се решава само со менување на регулативите, туку и со менување на начинот на кој се селектираат кадрите.
„Ние не можеме да направиме нов Судски совет и Совет на јавни обвинители, меѓутоа јас мислам дека без предходен длабок, прецизно направен ветинг, со странски експерти, со нивна асистенција и помош ние бадијала ќе правим нови и нови судски совети ако сличен човечки материјал ни влегува во тие совети. Нашиот проблем со владеењето на правото не е проблем за еден или двајца кои се погрешно поставени овде или онде. Ние имаме проблем со многу повеќе, со неквалитетен човечки материјал, да не кажувам почнувајќи од првичната правна едикација на тие луѓе, начинот на кој се влегува во судовите и обвинителствата, па се до испорачувањето на правдата за жал честопати и неправдата. Значи не е само да ги смениме регулативите, туку треба да го смениме начинот како ги селектираме кадрите. Не само од најдобрите на факултет, туку и од луѓето со интегретитет“,
рече Пендаровски.

Одговарајќи на неговите ставови, кандидатката за претседател на државата Гордана Силјановска-Давкова рече дека актуелниот шеф на државата за ветинг зборувал и во 2016 и во 2020 и сега во 2024 година како кандидат за втор мандат на функцијата.
Според неа, актуелната ситуација со судството во државата е резултат на тоа што ветингот останал само како реторика и не бил спроведен кога тоа тоа можело да се направи. Таа рече оти не е против ветинг и дека прво треба да се спроведе кај политичарите и оти таму може да има ретроактивно дејство
„Ветингот и досега можеше да се спроведе како евалуација или ре-евалуација при секој избор, оти генерален ветинг, оној суштинскиот значи распуштање на сите и влегување во еден проблем. Можеше да се посегне по ветинг кога претседателот ги предлагаше Весна Дамева (актуелната претседателка на Судскиот совет), Миљазим Мустафа (член на Судскиот совет) итн, стручни соработници, најслабата алка во Судскиот совет. Можеше за директорите на Агенцијата за разузнавање, можеше секаде каде што има можност да предлага да го предложеше и овој механизам. Инаку, за сите сум, прво за политичарите, таму може да има и ретроактивно дејство, нема проблем никаков. Мислам дека она што се случува денеска е резултат на тоа што ветигнот беше само реторика и кога можеше да се примени не се применуваше“,
рече Силјановска Давкова.