Говорејќи во Националниот прес-клуб на Австралија во Канбера денеска, Бирол изјавил дека светските лидери првично не ја разбрале вистинската длабочина на проблемите на енергетските пазари предизвикани од американските и израелските бомбардирања врз Иран и затворањето на Ормускиот Теснец
Глобалната енергетска криза предизвикана од војната на САД и Израел со Иран е еквивалентна на силата од двојните нафтени шокови од 1970-тите и последиците од руската инвазија на Украина заедно, предупредува шефот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), Фатих Бирол, пренесува „Гардијан“.

Според извршниот директор на меѓународната организација, и онака растечките последици од кризата дополнително би можеле да се влошат доколку дојде до прекини во, како што вели, виталните артерии на глобалната економија, вклучувајќи ги петрохемикалиите, ѓубривата, сулфурот и хелиумот.
Говорејќи во Националниот прес-клуб на Австралија во Канбера денеска, Бирол изјавил дека светските лидери првично не ја разбрале вистинската длабочина на проблемите на енергетските пазари предизвикани од американските и израелските бомбардирања врз Иран и затворањето на Ормускиот Теснец.
Поради настанатата ситуација, минатата недела објави список од 10 препораки до владите, компаниите и граѓаните за ублажување на последиците од енергетската криза и намалување на потрошувачката на нафта, а кои, меѓу другото, вклучуваат работа од дома, привремено намалување на ограничувањата на брзината на автопатиштата, режим „пар-непар“ и редуцирање на воздушниот сообраќај.
Шефот на ИЕА предупреди дека најмалку 40 енергетски извори во регионот на Персискиот Залив се сериозно или многу сериозно оштетени, што дури и евентуален прекин на конфликтот нема да може да го врати снабдувањето со енергија во нормална состојба.
Како што навел тој, околу пет милиони барели нафта се губеле секој ден во двете кризи во 1973 и 1979 година, додека руската инвазија на Украина, во 2022 година, довела до ускратување на 75 милијарди кубни метри природен гас од меѓународните пазари.
Сегашната криза, која започна со израелско-американската воена операција врз Иран на 28 февруари, според Бирол, веќе довела до загуба од 11 милиони барели нафта дневно и околу 140 милијарди кубни метри природен гас.
„Оваа криза, како што стојат работите сега, се две нафтени кризи и една гасна криза заедно“,
изјавил шефот на ИЕА за медиумите пред средбата со австралискиот премиер, Ентони Албанезе.
Претходно, на 11 март Бирол соопшти дека Агенцијата ќе почне со ослободување на 400 милиони барели нафта од стратешките резерви, што е најголема ваква мерка во историјата на организацијата.
Вишокот нафта што на почетокот на оваа година се бележеше на глобалните пазари сега е заменет со нова реалност, а која дојде по иранските напади врз бродовите во Ормускиот Теснец, преку кој се транспортираат околу 20 проценти или една петтина од светските резерви на нафта. Тоа доведе до недостиг на енергентите и растечка загриженост низ целиот свет.
Американскиот претседател Доналд Трамп викендов изјави дека му дава рок од 48 часа на Иран да го отвори Теснецот за бродски транспорт, предупредувајќи го Техеран дека во спротивно ќе се соочи со уништување на енергетската инфраструктура на земјата. Рокот што го даде Трамп, како што потсетува „Гардијан“, истекува денеска доцна попладне.

Како одговор на заканата на Трамп, иранската армија соопшти дека ќе ги нападне енергетската инфраструктура и системите за десалинизација на земјите во регионот на Блискиот Исток, каде што САД имаат свои бази.
Минатата недела Трамп жестоко ги критикуваше сојузниците во НАТО, како и Австралија, Јапонија и Јужна Кореја поради нивната резервираност околу барањата на американскиот претседател да се вклучат во напорите за отворање на Ормускиот Теснец. Вчера властите во Токио соопштија дека би можеле да размислат за распоредување на своја војска за чистење на Теснецот од мини, но доколку се постигне прекин на огнот.
Инаку, шефот на ИЕА, Бирол, изјавил дека се консултирал со светските лидери во Азија, Европа и Северна Америка за уште едно можно ослободување нафта од стратешките резерви, посочувајќи дека со првичниот потег биле опфатени 20 отсто од вкупните залихи.
„Доколку е потребно, можеме да пласираме повеќе нафта на пазарите, и сурова нафта и производи… Ослободувањето залихи ќе помогне да се смират пазарите, но ова не е решение. Со тоа ќе се намали само болката врз економијата“,
рекол Бирол.
Сепак, тој избегнал да каже конкретно што ќе биде пресудниот момент за членките на ИЕА да се одлучат за ново ослободување на нафта од резервите.
„Ќе ги разгледаме условите. Ќе ги анализираме пазарите и ќе разговараме со нашите земји членки“,
рекол тој.
На прашањето дали земјите што зазедоа одбранбени позиции во однос на сопствените резерви на гориво претставуваат причина за загриженост за светската економија, Бирол рекол дека ваквите потези се проблем во азиските земји. Од друга страна, промените во снабдувањето со дизел и гориво за авиони се чувствуваат во Европа, но зголеменото производство на нафта во Канада и во Мексико може да помогне во ублажување на последиците.
„Мислам дека ниедна земја нема да биде имуна на ефектите од оваа криза ако продолжи да оди во оваа насока, па затоа има потреба од глобални напори“,
подвлекол шефот на ИЕА, Фатих Бирол.
