Мерките биле изречени за прекршоци направени од возачи на мотоцикли и мопеди, но и за неносење возачка или сообраќајна дозвола, неистакната регистарска табличка, недавање првенство на минување на возила или пешаци

Во текот на вчерашниот ден, во периодот од 16 до 24 часот, полициски службеници од СВР Скопје спровеле зајакната акциска контрола во сообраќајот на подрачјето на главниот град.
При контролата, како што информираат од Министерството за внатрешни работи, биле изречени вкупно 219 санкции, од кои најголем дел биле за прекршоци направени од возачи на мотоцикли и мопеди.
Полициските службеници им изрекле 66 мерки на лица што управувале мотоцикл без заштитна кацига, 15 мерки за возење велосипед со помошен мотор без положен возачки испит, шест мерки за возење со несоодветна категорија, две мерки за незапирање на даден знак од полициски службеници и една мерка за лице кое управувало нерегистриран мотоцикл.
Останатите 129 мерки биле изречени за други прекршоци како што се неносење возачка или сообраќајна дозвола, неистакната регистарска табличка, недавање првенство на минување на возила или пешаци.
Во рамките на акцијата е констатирано и едно потешко кривично дело – безобѕирно управување со моторно возило по член 297-а од Кривичниот законик.
Кај возач на мопед биле измерени 1,93 промили алкохол во крвта, по што возилото веднаш му било одземено.
