Во врска со тоа дали во Бугарија ќе се одржат претседателски и парламентарни избори во исто време, Јанев вели дека тоа во голема мерка зависи од одлуката на парламентот
Во моментов мандатот за состав на бугарска влада е во рацете на БСП, откако ИТН и ГЕРБ претходно го вратија
Доколку е потребно, можам да продолжам да ја извршувам функцијата, изјави бугарскиот технички премиер Стефан Јанев во интервју за телевизијата Нова, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе продолжи да биде премиер и во наредниот привремен кабинет.

„Претседателот на државата го одредува составот на техничкиот кабинет, и да – доколку е потребно – можам да ја извршувам оваа функција“,
рече Јанев.
Во врска со тоа дали во Бугарија ќе се одржат претседателски и парламентарни избори во исто време, вели дека тоа во голема мера зависи од одлуката на парламентот.
„Организацијата на изборите не е лесен процес“,
рече Јанев, но смета дека државата е подготвена да организира избори и „2 во 1“ и одделно.
„Проблемите ќе бидат со ЦИК, бидејќи на двојни избори ќе има потреба од купување нови машини, ќе има потреба од повторно приспособување на машините за гласање“,
вели Јанев.
Бугарскиот претседател Румен Радев на 27 август ѝ го предаде мандатот на Бугарската социјалистичка партија, третопласирана на последните парламентарни избори, кои се одржаа на 11 јули.
Претседателката на партијата, Корнелија Нинова, која го прими мандатот, изјави дека следува период на здрав разум, со оглед на предизвиците со кои се соочува земјата.
Претходно, ГЕРБ го доби мандатот за формирање влада, но веднаш го врати.
Првиот мандат за состав на влада по изборите во јули беше доделен на победникот на минатомесечните избори „Има таков народ“ (ИТН) на Слави Трифонов, но тие соопштија дека нема да формираат влада.
Според податоците од национално истражување на јавното мислење спроведено од 12 до 22 август, ГЕРБ е повторно првата политичка сила во земјата, „Има таков народ“ (ИТН) падна на третото место, а разликите меѓу Демократска Бугарија, ИТН и БСП се во рамките на статистичка грешка.
