Прашан дали меѓу коалициските партнери се разговара кој да биде нов државен обвинител, првиот вицепремиер и министер за животна средина вели дека не разговараат за одредено име, туку за човек кој треба да биде посветен професионалец
Доколку Министерството за правда го изготви предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски до следната редовна владина седница, односно до наредниот вторник, оваа точка би се нашла на дневен ред на првата наредна седница. Ова денеска го изјави првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, прашан дали ако Правда го изготви, ваквото решение веднаш ќе се најде на седница на Владата.
Прашан дали меѓу коалициските партнери се разговара кој да биде нов државен обвинител, Меџити вели дека не разговараат за одредено име, туку за човек кој треба да биде посветен професионалец.
„Во принцип, не зборуваме за име, зборуваме дека треба да биде професионалец којшто ќе придонесе да се врати довербата на граѓаните во судството и обвинителството“,
изјави Меџити.
Инаку, според Законот за јавно обвинителство, на предлог на Владата, републичкиот јавен обвинител го именува Собранието за време од шест години со право на повторно именување.
По седницата во вторникот оваа недела, Владата го задолжи Министерството за правда да достави предлог за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски. Предлогот потоа ќе биде доставен до Советот на јавни обвинители, од каде што е потребно да се добие мислење.