Според градоначалничката на Скопје, Градот во својот буџет ги испланирал овие средства за плати до крајот на годината, а ги обвини Владата и институциите дека со своите ребаланси едноставно ги избришале обврските кон Градот и ЈСП
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, за недостигот на пари за нормално функционирање на Јавното сообраќајно претпријатие, кое се закани дека ќе стапи во штрајк поради доцнење на септемвриската плата, како и за „саботирање“ на проектот бесплатен јавен превоз, ги ги обвини централната и дел од единиците на локалната власт.
Таа најави дека како еден од можностите што му стојат на располагање на Градот Скопје, под чија капа е и ЈСП, за да ги натераат институциите кои му должат пари на претпријатието, е да ги паркираат автобусите на ЈСП пред Владата и други институции кои, како што рече градоначалничката, ги саботираат процесите.
Еден од должниците, на кои алудираше Арсовска одговарајќи на новинарски прашање, е Министерството за образование и наука (МОН) кое му должи два милиони евра на ЈСП од блок дотации за бесплатниот превоз на средношколци.
„Секој треба да си ја сноси својата обврска и одговорност, а тоа значи дека ако некој должи два милиони евра не треба да прашува како ќе има бесплатен јавен превоз туку треба да си ги плати своите обврски. Истото се однесува и на централната и на оние единици на локалната власт што не си ги подмируваат своите обврски. Наша задача е да им го дадеме на граѓаните на Скопје сето она што сме им го ветиле. Меѓутоа, тука има многу фактори и тие фактори сите ќе си ја сносат својата одговорност доколку го саботираат овој процес“,
изјави Арсовска, која денеска го најави отпочнувањето на проектот за реконструкција на улицата ул. „Тодор Александров“ која води кон Водно.
И додека вработените најавуваат штрајк пред градските власти, Арсовска прашана дали има законски можности да ги натера институциите да си ги подмират обврските најави паркирање на автобусите пред Владата.
„Знаете, тоа е нивен долг и тоа е нешто што би требало прво од аспект на човечност и од аспект на она што го имаат како обврска да го реализираат. Меѓутоа, тоа изгледа не важи за овие институции и затоа ние ќе почнеме со сите оние постапки кои се во наша надлежност, а тоа е да ги паркираме автобусите на ЈСП пред Владата и другите институции кои ќе ги саботираат процесите за тоа да овозможиме бесплатен јавен превоз за граѓаните и сè додека не ги реализираме овие работи кои тие ги должат нема да се поместат од пред институциите од каде треба да ги добијат овие средства“,
изјави Арсовска.
Според градочалничката на Скопје, Градот во својот буџет ги испланирал овие средства за плати до крајот на годината, а ги обвини Владата и институциите дека со ребалансите едноставно ги избришале своите обврски кон градот и ЈСП.
„Во овој момент раководството кое што е на ЈСП сметам дека го има најдобриот начин на менаџмент кој што можел некогаш да се добие и дека ја менаџира оваа енергетска криза соодветно со она со кое сме сега ние соочени. Во оваа буџетска година тие средства биле предвидени со нив да се покријат четири плати колку што има до крајот на годината… Владата и сите кои што ги имаат овие долгови во своите ребаланси тоа кое што веќе им е испорачано како услуга си го имаат избришано од буџетите“,
рече Арсовска.
Околу предизборното ветување за бесплатен јавен превоз, Арсовска нагласи дека проектот ќе биде реализиран во втората половина следната година.
„Значи еве тука најавувам дека во втората половина на 2023 година граѓаните на Град Скопје ќе имаат бесплатен јавен превоз токму онака како што беше ветено, а не онака како што некој сака да манипулира со нив и да кажува дека ќе има од првиот ден затоа што ова се сложени и сериозни процеси кои што бараат анализи и студии и истите се во процес на изработка. Она што е ветено ќе си се реализира меѓутоа треба да се поставуваат прашања кај оние кои што не си го плаќаат она што го должат, а тоа знаеме токму на чија адреса е“,
истакна градоначалничката на Скопје.
Прашана околу превработеност во Јавното сообраќајно претпријатие, Арсовска рече дека го има, но оти проблемот не е во техничкиот персонал, туку во администрацијата.
„Во техничкиот персонал недостигаа луѓе и во тој дел се екипираше јавното претпријатие. Има доволен број на шофери, а затоа што следат извесни пензионирања најверојатно ќе им побарување и можности за млади луѓе кои што би сакале да работат. Меѓутоа превработеност има во делот на администрацијата затоа што 30 години некој ги полнел овие претпријатија со луѓе кои практично нема потреба да ја вршат таа работа која што ја имаат таму. Таму за продуктивноста на еден човек работат по тројца луѓе“,
изјави Арсовска.
Денеска на прес-конференција во просториите на Град Скопје, генералниот секретар на Градот Зоран Глигоров рече дека во моментов Владата, односно Министерството за образование има долг кон ЈСП од 120 милиони денари или околу два милиони евра за бесплатниот превоз на ученици и студентите. Дополнително, како што изјави тој, неколку скопски општини му должат на претпријатието околу 40 милиони денари.
Според него, долговите кон ЈСП, кои се бројат во милиони евра, го оневозможуваат нормалниот работен тек на претпријатието и создаваат проблеми во тековната работа, односно исполнување на обврските што претпријатието ги има кон своите доверители и обврската за исплата на плати кон вработените.
За ситуацијата во Јавното сообраќајно претпријатие попладнево реагираа и од СДСМ, од каде што прстот за актуелната состојба го вперија во локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска.
„Вината за овој колапс е целосно во локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во градот Скопје и нивната градоначалничка којашто тие ја промовираа, ја поддржаа и којашто ја избраа на чело со медарот Христијан Мицкоски. Граѓаните на Скопје не ги избраа советниците од ВМРО-ДПМНЕ, ниту нивната градоначалничка да излегуваат во јавноста и да ја префрлаат вината на кој ќе им текне туку да работат. Советничката група на СДСМ нема да дозволи неспособноста и медарството на ВМРО-ДПМНЕ да биде на штета на Скопје и скопјани“,
стои во реакцијата на СДСМ.
Претходно од советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Град Скопје порачаа дека ќе побараат вонредна седница за спас на јавниот превоз.