Ако не се донесе одлука за првата меѓувладина конференција, која и официјално го означува почетокот на преговорите со ЕУ, тогаш треба да се знае дека од нас се бара нешто што ние не сакаме да го прифатиме.
Ваква порака испрати денеска премиерот Заев одговарајќи на новинарски прашања.
Тој рече дека Бугарија не бара промена на Уставот ниту, пак, потпишување нов договор меѓу двете земји е решение за проблемите, а очекува во наредниот период источниот сосед да ги потврди наративите дека е најголем поддржувач на земјава.
„Бугарија е земја членка на ЕУ, сите членки во декември треба да донесат одлука за првата меѓувладина конференција. Ние имаме одличен извештај, охрабрени сме од инфраструктурно-економскиот фонд на ЕУ насочен кон Западен Балкан од 9 милијарди евра. Сето тоа е една убава иднина пред нас. Верувам дека Бугарија која беше најголем поддржувач ќе продолжи тоа да биде и во иднина. Во сите свои изјави и наративи тоа го потврдува. Јас верувам дека тоа ќе се случи во декември, но ако не се случи тогаш, треба да се знае дека се бара од нашата страна нешто што ние никако ниту смееме да разговараме ниту би сакале да го прифатиме“,
изјави Заев.
Премиерот и претходно испрати вакво предупредување до јавноста.
Пријателите и браќата, порача тој, недвосмислено го потврдуваат фактот на постоење на македонскиот јазик и народ, и тоа не смее да биде доведено во прашање.
„Нема народи и држави што признаваат или не признаваат идентитети. Тоа е чувство, право на определба и голема европска вредност. Јас очекувам бугарскиот народ преку сите свои претставници да има недвосмислено потврдување на фактот на постоењето на македонскиот јазик и народ, затоа што пријателите, браќата го прават тоа, и не треба тоа да биде доведено во прашање. Како што слушам во изјавите на Борисов и другите, тие ја прифаќаат реалноста за постоењето на македонскиот јазик и народ и сакаат да дебатираат за заедничкиот и посебниот дел од историјата. Но, во духот на пријателството, верувам дека може да се изнајдат решенија“,
вели Заев.