„Сите сме потенцијални пациенти, на сите може да ни се случи ова, но за среќа во Македонија имаме три клиники каде што се прават вакви операции“, вели министерот

Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека ќе се бара одговорност доколку имало пропуст или грешка за пациентот Т.А. од Скопје, кој почина на Клиниката за кардиохирургија. Но, детали министерот најави откако денеска ќе го види извештајот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат од извршениот вонреден инспекциски надзор во државната кардиохирургија.
„Аневризма на аорта е сериозна дијагноза. Сè уште не сум го прочитал извештајот. Ќе треба да има веднаш и стручна комисија. Според моите информации, едната сала работела, меѓутоа кога ќе го видам извештајот ќе знам точно“,
рече Таравари денеска во одговор на новинарско прашање.
За тоа дали ќе се бара одговорност и дали инспекција ќе биде пратена и на приватната клиника од каде што пациентот бил вратен оти кај нив не можело да се оперира на товар на Фондот туку само приватно, Таравари беше со став:
„Секако дека треба доколку е вистина оти и во приватните клиники немало можност за операција“.
На новинарско укажување дека доколку пациентот се оперирал во салата што работела шансите да преживее биле 1-3 проценти и оти требало да му се направи ендоскопска операција, но таа сала не работела, Таравари побара време да се запознае со извештајот на ДСЗИ.
Прашан што доколку денеска дојде пациент со иста дијагноза и дали ќе му се случи истото како и на претходниот, Таравари рече „сите сме потенцијални пациенти“.
„Сите сме потенцијални пациенти, на сите може да ни се случи ова, но за среќа во Македонија имаме три клиники каде што се прават вакви операции“,
одговори министерот.
Директорот на ДСЗИ, д-р Кирил Лазов, вчера рече дека во делот на водењето на здравствената евиденција не се констатирани недостатоци, но во делот на стручното работење на здравствените работници иницира формирање комисија за стручен надзор од страна на министерот за здравство.