Агенцијата, преку Системот за предупредување за небезбедна храна на ЕУ вчера добила известување за небезбедните свежи пиперки со потекло од земјава, кои биле наменети за Хрватска. Ако бидат повторно вратени во земјава, АХВ ќе издаде налог за нивно ништење
Доколку пратката со небезбедните пиперки кои од С Македонија биле увезени во Хрватска, биде повторно вратена во земјава, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ќе издаде налог за нејзино нештетно уништување кое ќе биде направено под надзор на инспекциските служби на Агенцијата.
Агенцијата, преку Системот за предупредување за небезбедна храна на ЕУ вчера добила известување за небезбедните свежи пиперки со потекло од земјава, кои биле наменети за хрватскиот пазар.
„При спроведената гранична контрола, земениот примерок за лабораториска анализа покажал отстапување во однос на присуство на резидуи од пестициди. Добиениот резултат покажал присуство на остатоци од пестицидот форметанат и вредност која претставува сериозен ризик по здравјето на луѓето“,
велат од АХВ.
Пестицидот форметанат е исклучително ефикасен инсектицид кој се користи во производството на овошје и зеленчук. Многу земји сè уште го користат, но во ЕУ е забранет поради сомневање дека може да влијае на здравјето на луѓето.