Во Основниот кривичен суд во Скопје за денеска е закажано ново рочиште за случајот „Рекет“. Ако во судницата и денеска поранешната специјална обвинителка Катица Јанева нема адвокати, тогаш судот ќе и назначи бранител по службена должност.
Ова следува откако на претходните две рочишта, на 20 и 23 јануари, двајцата адвокати, Дељо Кадиев и Ирена Фрчкоска, не се појавија поради здравствени причини.
Кадиев беше хоспитализиран, а Фрчкоска исто така до судот бараше одлагање бидејќи е болна за што испратила и медицинска документација. Поради нивно отсуство и одложувањето на рочиштата, судијката во „Рекет“, Васка Николовска – Масевска, најави дека ќе бара од претседателот на судот да се одреди адвокат по службена должност.
„Од медицинската документација не може да се утврди до кога би траело ова. Ако в понеделник не се појави некој од бранителите, судот ќе побара да биде назначен бранител по службена должност кој ќе може да ѝ обезбеди квалитетна одбрана на обвинетата, со оглед дека ова е притворски предмет и треба да се заштитат правата на тоа лице“,
рече судијката Николовска-Масевска.
Денешното рочиште ќе биде трет обид да се слушне сведочењето на обвинителката Лиле Стефанова, која беше дел од СЈО. Таа тогаш, но и сега го води предметот „Империја“, каде осомничен е бизнисменот Орце Камчев, кој е клучен во предметот „Рекет“ бидејќи обвинението се однесува на земање пари од него со цел да добие поповолен третман во „Империја“.
За овие околности, Стефанова веќе се обрати јавно преку писмена изјава, а нејзиното име се споменуваше и во снимките кои ги објавуваше италијанскиот весник „Ла Верита“. (Повеќе детали околу овие околности можете да прочитате ТУКА).
Сега во судница таа треба да застане и да сведочи додека на обвинителната клупа седи нејзината поранешната шефица Катица Јанева обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувања, како и Бојан Јовановски – Боки 13 кој се гони за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари.