„АХВ донесе решение за прогласување на болеста и нареди спроведување заштитни и контролни мерки, со цел спречување на ширење и сузбивање на оваа зооноза – убивање и нештетно отстранување на затекнати диви птици на локацијата, освен птиците што се чуваат во затворен простор и од кои се земаат мостри за лабораториско тестирање за утврдување на присуство на птичји грип“, соопштија од АХВ
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) утврдила нов случај на присуство на вирусот Х5Н1 (птичји грип) кај пцовисана дива птица – гуска во резиденцијалниот комплекс „Свети Јован“ во скопско Злокуќани. Како што информираа од АХВ, било направено и лабораториско тестирање на две живи птици (лебеди) кои биле негативни на вирусот, а се преземаат мерки за заловување на другите птици во комплексот кај кои ќе се врши лабораториско тестирање.
„АХВ донесе решение за прогласување на болеста и нареди спроведување на заштитни и контролни мерки, со цел спречување на ширење и сузбивање на оваа зооноза – убивање и нештетно отстранување на затекнати диви птици на локацијата, освен птиците кои се чуваат во затворен простор и од кои се земаат мостри за лабораториско тестирање за утврдување на присуство на птичји грип. Наредено е спроведување на дезинфекција на одгледувалиштето, забрането е движење на живина и други птици во и од одгледувалиштето без одобрение на официјален ветеринар“,
се наведува во соопштението на АХВ.
Покрај овие мерки, наредено е и затворање на живината/птиците во нивните одгледувалишта, земање мостри од пцовисана птици за утврдување на присуство на вирусот, забрана за одржување на саеми, изложби, пазари и други собири на живина или птици од наведеното епизотиолошко подрачје.
АХВ донела решение и за воведување заштитни мерки во однос на болеста син јазик кај говеда, овци и кози на целата територија на земјава, по лабораториска потврда на присуство на болеста во две одгледувалишта во Демир Капија. Таму од 190 животни, пцовисани се седум, а десетина се со клиничка слика карактеристична за оваа болест и зголемена телесна температура.
Пред две недели, Агенцијата за храна и ветеринарство информираше дека било утврдено присуство на птичји грип кај пцовисана птица во Зоолошката градина, по што донесе решение за нејзино затворање во времетраење од 21 ден. Со цел преземање на превентивни мерки, како што соопштија од АХВ, беше спроведено и хумано убивање и нештетно отстранување на следните видови птици: 24 патки, шест гуски, пет кокошки и една чавка, која била присутна на локацијата.