Хрватските медиуми претходно информираа дека наполитанките „КитКат мини“, во производство на „Нестле“, се повлечени од пазарот поради присуство на минерални масла
По известувањето дека од хрватскиот пазар се повлекуваат чоколадните наполитанки „КитКат Мини“ во производство на „Нестле“, директорот на македонската Агенција за храна и ветеринрство (АХВ), Николче Бабовски, во изјава за МИА информира дека во земјава го нема спорниот производ.
„Производот повлечен од пазарот во Хрватска, во РАСАФ-системот сè уште не е нотиран. Нашите инспектори веќе се на терен и во поголемите синџири на маркети нема од тој производ. Има 125-грамски, додека 200-грамски и наполитанки со чоколаден прелив, кои се третирани во Хрватска како небезбедни, кај нас на пазарот не се појавени“,
изјави првиот човек на АХВ за МИА.
Бабовски најави дека контролата во супермаркетите ќе продолжи и во наредните денови, а се очекува и соодветна информација од хрватската служба во РАФАТ-системот за брзо предупредување.
Хрватските медиуми претходно вчера информираа дека наполитанките „КитКат мини“, чиј производител е компанијата „Нестле“, се повлечени од пазарот поради присуство на минерални масла.
„Се повлекува исклучиво ‘КитКат мини’ 200 грама во кесичка, серија 40580734, со рок на траење од 01.2025 година. Производител е Nestle Deutschland AG, Франкфурт, Германија, а дистрибутер за Хрватска е Nestle Adriatic д.о.о. од Загреб“,
пренесоа хрватските медиуми.