Освен за пуштање во промет на небезбедна храна со поминат рок, дел од фирмите се казнети и за неизвршени задолжителни здравствени прегледи за вработените
Речиси два тона небезбедна храна со поминат рок е повлечена од неколку киосци во Скопје и со решение на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) е уништена.
Инспекцискиот надзор, како што информираат од АХВ, бил извршен по доставена иницијатива од граѓани.
„Кај оператор со храна кој стопанисува со киосци затекнато е поголемо количество небезбедна храна со поминат рок. За утврдениот прекршок инспекциските служби на Агенцијата издадоа решение за уништување на 1 920 килограми небезбедната храна повлечена од неколку киосци со кои стопанисувал операторот“,
се вели во соопштението од АХВ.
За сторениот прекршок, додаваат оттаму, изречена е парична казна.
Освен во Скопје, инспекторите затекнале небезбедна храна и во угостителски објект во Битола.
Во објектот имало 241 килограм небезбедна храна која по издадено решение од инспектор нештетно е уништена.
Фирмата каде била затекната храната, додаваат од АХВ, казнета е со 600 евра во денарска противвредност, а со 300 евра, казнето е и одговорното лице.
Покрај за затекнатата небезбедна храна, оваа фирма и одговорното лице во неа, биле казнети и поради неизвршени задолжителни здравствени прегледи за вработените. За ова казните што треба да ги платат се во висина од 300 и од 150 евра.
Во Охрид, пак, инспекторите при редовен надзор, во маркет затекнале сувомесни производи и мелено месо што биле без декларација и со поминат рок на употреба. Казната за маркетот е во висина од 1 400 евра. Во овој град, додаваат од АХВ, казнета е и месарница заради неспроведени задолжителни здравствени прегледи на вработените.