Болеста птичји грип, како што појаснуваат од АХВ, иако станува збор за зооноза, во вакви случаи, не претставува сериозна закана за ширење на болеста, ниту кај птиците ниту кај луѓето
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) упатува апел до граѓаните доколку најдат угината дива птица, патки или гуски, веднаш да ја известат АХВ.
Апелот на АХВ доаѓа по неодамнешните случувања кога во Скопје, кај две угинати диви птици, во два изолирани случаи, беше потврдена болеста птичји грип (авијарна инфлуенца).
Болеста птичји грип, како што појаснуваат од АХВ, иако станува збор за зооноза, во вакви случаи, не претставува сериозна закана за ширење на болеста, ниту кај птиците ниту кај луѓето.
„Болеста се шири преку директен контакт со заразени птици или секрети од истите, особено фекалии. Агенцијата за храна и ветеринарство ги потсетува одгледувачите на живина дека задолжително е пријавувањето на промени во здравствената состојба и зголемена смртност на живината, до надлежен официјален ветеринар или ветеринарно друштво, како и примена на биосигурносни мерки при спроведување на сите активности на одгледувалиштето“,
велат од АХВ.
Од АХВ апелираат на внимателност и преземање на заштитни мерки за категориите на лица кои се изложени на ризик, односно за лицата кои можат да имаат близок контакт со заразени птици.
„Дивите птици, најчесто преселните, се резервоар и најчести преносители на вирусот на болеста птичји грип“,
објаснуваат од АХВ.
Пријавувањето граѓаните може да го направат со одење во просториите на АХВ или во подрачните единици на Агенцијата, да се јават на бесплатната телефонска линија 0800 3 22 22, да пратат електронска порака на info@fva.gov.mk или во ветеринарните друштва.
Доколку станува збор за други видови угинати птици и за изолирани угинувања, тоа треба да го пријават на јавните комунални претпријатија за нештетно отстранување на лешовите.
Минатиот месец од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) преку соопштение информирaа дека во Зоолошката градина – Скопје е утврдено присуство на птичји грип кај угината птица. Оттаму рекоа дека бил спроведен надзор и било извршено хумано убивање на неколку видови птици.
Со цел сузбивање на болеста и спречување на нејзиното ширење надвор од зоолошката градина кај животните и кај луѓето, Зоолошката градина беше затворена 21 ден.