– Јас црвенеам од нивниот срам и ги молам сите браќа и сестри во Косово, но и нашите граѓани да им простат затоа што не знаат што прават – напиша Ахмети на фејсбук во однос на вчерашниот инцидент на скопскиот аеродром
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети упати извинување до претседателката на Косово, Вјоса Османи, осудувајќи го вчерашниот инцидент, притоа поврзувајќи го со имињата на рускиот претседател Владимир Путин и српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Почитувана претседателке, многу ми е жал за неприфатливиот дипломатски инцидент и скандал на скопскиот аеродром и го осудувам во најостра можна форма. Јас црвенеам од нивниот срам и ги молам сите браќа и сестри во Косово, но и нашите граѓани да им простат затоа што не знаат што прават“,
напиша Ахмети на својата фејсбук страница.
Тој во реакцијата додава дека не може да се очекува ништо друго, кога се гази демократската волја на граѓаните, алудирајќи на изборниот резултат и тоа што ДУИ не е партнер во Владата.
„Кога не се срамат да газат врз сопствениот народ, врз демократската волја на граѓаните на избори и да се стават во вазална и сервилна служба на некој друг, носејќи ги Путин и Вучиќ во Влада, тогаш никој нема да ги прашува за што било и ќе не срамат секој ден, по неколку пати на ден“,
пишува Ахмети.
Претходно, поранешните министри Бујар Османи и Артан Груби исто така и се извинија на Османи.
„Косово, прости ни“, напиша на Фејсбук поранешниот вицепремиер Груби, а неговиот сопартиец и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи побара итна одговорност од, како што ги нарече, узурпаторите на албанското претставништво во Владата.
Реакција имаше и еден од лидерите на „Вреди“, министерот Арбен Таравари.
Тој посочи дека според Виенската конвенција, државните лидери имаат посебен третман за време на патувањето, но деталите за безбедносните протоколи ги одредува концесионерот на аеродромот.
„Министерството за внатрешни работи и државата немаат надлежност за безбедноста на аеродромот, туку тоа е во надлежност на концесионерот, во случајов ТАВ. Според Виенската конвенција, државните лидери имаат посебен третман за време на патувањето, но деталите за безбедносните протоколи ги одредува концесионерот на аеродромот. Слично недоразбирање се случи и кога технички премиер беше Талат Џафери. Зошто ДУИ не зборува за тоа? Ја повикуваме ДУИ да одговори дали за време на нивни патувања избегнуваат скенери“,
напиша Таравари на Фејсбук.
Инцидентот со Османи се случи вчера, откако вработен во ТАВ побарал од претседателката на Косово да го остави телефонот и да помине низ скенер, потег кој наишол на негодување од обезбедувањето на претседателката.
Половина час по случајот, на аеродромот пристигнало лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши кое е полициски службеник, заедно со уште двајца припадници на полициските служби и започнал им да се заканува на вработените во ТАВ, што за „360 степени“ го потврдија и од МВР.
По инцидентот, од ТАВ Македонија рекоа дека на проверки се обврзани и патниците кои патуваат преку ВИП-салонот.
Од кабинетот на Африм Гаши соопштија дека членовите на безбедносниот тим на спикерот биле присутни само за да помогнат во смирувањето на ситуацијата настаната од недоразбирањето помеѓу обезбедувањето на претседателката на Косово, Вјоса Османи и припадниците на аеродромското обезбедување.
Реагираше советникот за медиуми на косовската претседателка, Беким Купина кој смета дека однесувањето на македонскиот аеродромски службеник е спротивно на секоја меѓународна практика, според која, шефовите на држави кога патуваат се заштитени со дипломатски привилегии и имунитети.
Од опозициската СДСМ, пак, велат дека јавноста е во целосна конфузија по вчерашниот инцидент со претседателката на Косово, Вјоса Османи откако сите страни излегоа со своја верзија на настанот и побараа негово целосно расчистување.