Војната не можеше да биде сопрена и немаше да биде запрено ова движење, но работата беше насоката да биде добра и правилна, рече лидерот на ДУИ и некогашен водач на ОНА, посочувајќи дека во тоа време на маса била и опција за поделба на државата
Да ги почитуваме постигнатите договори, да успееме заедниците во оваа држава да бидат господари на нивните судбини, да не ни пречи ниту јазикот, ниту културата на другиот. Секеое унапредување на јазикот и на културата на другиот е напредок на државата. Колку е полојална државата кон граѓаните толку полојални се граѓаните во државата, истакна лидерот на ДУИ Али Ахмети, како говорник на денешната конференција „По Охрид“, по повод 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
„Неопходна е целосна имплементација и примена на Охридскиот мировен договор, на Преспанскиот договор и на Договорот за добрососедство со Бугарија. Да се применат од точка до точка сите обврски, да бидеме бескомпромисни во борбата против корупцијата и криминалот. Ние Европа ја имаме блиску на прагот, но задачите треба да ги направиме сами. Ние сме земја членка на НАТО, ние треба да ја избришеме во нашите глави таа класична автономија или независност. Нема класична автономија или независност кога влегуваш во сојузништва и пртнерски односи со ЕУ и треба да ги примениш нормите, правилата на сите. Колку си мал стануваш голем. Ние сме сега исто како најголемите во НАТО, но ние треба да поставиме и НАТО стандарди, бидејќи ние баравме да станеме членка на НАТО“,
нагласи Ахмети, кој во кризната 2001 година ја предводеше парамилитантната ОНА.
Тој се осврна и на времето пред да се потпише Охридскиот рамковен договор. Рече дека бил еден од организаторите на студентското движење во почетокот на 1980-туте години на минатиот век.
„Нашите тогашни барања се задушија со железо, со крв. Се затворија стотици студенти, илјадници студенти. Тоа време ние поставивме барање да се школуваме во нашата држава. Во Скопје да се отвори универзитет на албански јазик. Сите наши барања, беа наградени со затвор, со убиства, со репресии, со апсења. И се роди плурализмот, во 1990-тите години. Ние како водачи на студентските движења имавме направено и политичка организација и со еден весник, единствен опозициски весник во тогашната Југославија. Единствена организација опозициска која бараше правда, еднаквост демократија за сите граѓани. Но не ни беше овозможено да дејствуваме легално. Потоа се појави легалното движење. Ние го поддржавме тоа движење со најдобра намера дека ќе се случат измените дека ќе има унапредувања, но се разочаравме“,
се потсети Ахмети.
Нагласи дека во нашата земја тогаш бил повреден Уставот кој порано ги препознавал и признавал Албанците како коснтитутивен елемент на државата.
„Албанците, не само ние, како претставници на тоа движење за отпор во тоа време, но и Албанците генерално се разочараа. Почнаа преку протести, граѓански револт да бараат високо образование во нивната матична земја. Овие барања исто беа задушени со крв. Почнаа протестите за националните симболи и исто така бдеа задушени. Албанците не бараа оружје, туку образование, не бараа тенкови, бараа книги за да учат. Албанците бараа етнички симболи кои порано дури во социјализмот ги имаа“,
рече Ахмети, навраќајќи се на настаните пред почетокот на безбедносниот конфликт во земјава.
Лошото, вели тој, се случи, револтот се зголеми.
„Не беше лесно ниту за мене, ниту за моите соборци, бидејќи оваа држава беше позната како оаза на мирот и поради албанските претставници дотогаш кои не успеаја значително да ја убедат меѓународната заедница работите да одат подобро и да се унапредат. Војната не можеше да биде сопрена и немаше да биде запрено ова движење. Но работата беше насоката да биде добра и правилна“,
рече Ахмети.
Сигурен сум, додаде лидерот на ДУИ, дека НАТО, ЕУ, САД, разбраа дека во оваа земја работите ќе одат во лоша насока, и дадоа овластувања да почнат преговори и да не ни се повтори БиХ и Косово. За ова, според него, најголема заслуга има НАТО.
„Во оваа почетна фаза и јас бев во многу тешка позиција да ја презентирам пред меѓународната заедница и домашната јавност нашата платформа. Требаше една добро подготвена платформа, национално и меѓународно заштитена, добро обмислена и напишана. Неколку драфтови што ми ги носеа неколку правници не го покриваа тоа. Тогаш, преку неколку пријатели стапивме во контакт со експерти од меѓународната правна сфера, како Пол Вилијамс, на кого сум му многу благодарен. Сме се сретнале, сум го слушал со часови, пак сме се сретнале, повторно сме размениле мислење, потоа повторно средба по средба и се направи еден добар предлог со кој јас се согласив, потпишав дека целосно го прифаќам мировниот договор од Охрид и за ова се сведоци претставниците на НАТО и на ЕУ“,
рече Ахмети.
Нагласи дека поминале низ многу потешкотии и премрежја.
„Најголемата трагедија и за Албанците и за Македонците ќе беше поделбата на оваа држава. Тогаш, пред 20 години, и оваа опција беше на маса и јас сум благодарен на НАТО, Вашингот и на Брисел што најдовме сила и поддршка против оваа трагична опција“,
заклучи Ахмети.
Поврзани вести*
Солана: Сигурен сум дека наскоро ќе ги почнете формалните разговори со ЕУ
Робертсон: Бугарија да ја крене блокадата, С Македонија заслужува да биде во ЕУ
Џафери: Рамковниот договор ја промени иднината и обезбеди земјата да стане успешна приказна
Пендаровски: Иако е далеку од совршен, Рамковниот договор го издржа тестот на времето