Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети денеска околу 16:30 часот го напушти објектот на ЕУЛЕКС, каде што вчера и денеска се одржа неговиот распит од страна на истражителите на Меѓународниот суд за Косово.
Каако што јави МИА од Приштина, денеска неговиот исказ траеше нешто помалку од шест часа.
За разлика од вчера, кога го напушти објектот на ЕУЛЕКС со партиското возило без да даде изјава за медиумите, Ахмети денеска даде куса изјава за новинари, во која рече дека дал исказ во својство на сведок, но дека не може да каже ништо повеќе до завршување на процесите пред меѓународниот трибунал.
„До завршувањето на овој процес не можам да споделам никаква информација со јавноста, затоа што така е предвидено со закон. Кога ќе добие епилог процесот, тогаш ќе можеме да говориме, тогаш тоа ни го дозволува и законот“,
изјави кусо лидерот на ДУИ.
Како што објавуваат косовските медиуми, Ахмети е повикан од меѓународниот суд, чие седиште е во Хаг, во својство на сведок, како еден од основачите и поранешен член на главниот штаб на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и активен учесник во косовската војна во 1998-99 година. Поканата за распит му беше доставена во јули годинава.
Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на судот, а кој во косовската јавност е познат како „Суд за ОВК“, го водат меѓународни обвинители и судии.
Покана да се јават пред Обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население за време на војната во Косово, според досегашните информации, имаат добиено над 300 поранешни водачи или други припадници на ОВК.
Меѓу последните кои беа повикани во Хаг, како осомничени, се и двајца од основачите и водачи на ОВК, актуелниот претседател на Косово Хашим Тачи и лидерот на Демократската партија на Косово и доскорешен собраниски спикер, Кадри Весели. Денеска беше објавено дека покана од судот во својство на осомничен добил и шефот на главниот штаб на ОВК, подоцна и премиер на Косово, генералот Агим Чеку.
Истрагите, како што е најавено, се сконцентрирани на претпоставени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.