Тој побара поддршка и доверба од граѓаните за барањето на ДУИ за уставни измени кои би се однесувале на тоа функцијата претседател на државата да се избира во македонското Собрание со двотретинско и со Бадентерово мнозинство. Дополнително, објави дека ДУИ се залага и за воведување нова функција – заменик-претседател која, исто така, би се избирала во парламентот
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи е кандидатот кој Демократската унија за интеграција (ДУИ) ќе го номинира на претстојните претседателски избори. Ова во денешното видеообраќање до граѓаните го објави првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, со порака дека со Османи како претседателски кандидат започнува најважниот референдум кога сите едногласно треба да ѝ кажат „не“ на Русија и „да“ на Европа.

Во своето десетминутно видеообраќање од седиштето на ДУИ во Мала Речица, Ахмети порача дека земјава и регионот се соочуваат со голем ризик од перманентно малигно и проголтувачко влијание и додаде оти „поларната мечка“ наречена Русија ни тропа на вратата со присуство во сите пори на нашето општество, притоа дестабилизирајќи ги институциите и влијаејќи на политичката сцена во земјава.
„Ова е вистинска закана! Затоа, како никогаш досега, ве поканувам да се здружиме, вие и ние, заедно со сите други, рака под рака, рамо до рамо, да ја водиме последната битка од вечната војна до големата победа и едногласно да се изјасниме: Не за Русија, Да за Европа! Имаме одлучни и храбри жени и мажи кои ќе се соочат со злонамерната канцерогена стихија, а јас сум спремен да ја водам последната одлучувачка битка за обединување и интеграција заедно со вас. Изборите кои се пред нас се од одлучувачка важност во оваа битка“,
рече Ахмети во видеообраќањето кое беше пренесувано на неговата страница на Фејсбук.
Ахмети побара поддршка и доверба од граѓаните за барањето на ДУИ за уставни измени кои би се однесувале на тоа функцијата претседател на државата да се избира во македонското Собрание со двотретинско и со Бадентерово мнозинство. Дополнително, објави дека ДУИ се залага и за воведување нова функција – заменик-претседател која, исто така, би се избирала во парламентот.
„Вашата доверба ќе ни овозможи и со отворањето на Уставот да го спроведеме и Договорот со Бугарија и да ја деблокираме европската интеграција и така да ѝ кажеме на Русија – оди си!“,
рече Ахмети во обраќањето.
Говорејќи во оваа насока, Ахмети даде завет дека ДУИ нема да биде дел од ниту една влада која нема да го промени Уставот и оти партијата ќе оди во опозиција за, како што рече, да се бори и да ги победи егзистенцијалните закани кон земјава. Порача дека неговата работа не е завршена додека земјава не ја види светлоста на денот и побара поддршка од граѓаните за ДУИ да се соочи со „големите прашања“.