Лидерот на ДУИ се осврнал на мирот кој произлегува од Охридскиот мировен договор и предупредил дека ќе биде пружен невиден отпор со секој обид за промена на Законот за јазиците. Во оваа смисла рекол дека не сакаат конфликт туку влез во Европската Унија
Сме биле покрај Македонците во најразлични ситуации и ќе останеме, но не прифаќаме тие да бидат аги, а ние да бидеме слуги, порачал, меѓу другото, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во своето обраќање на вечерашниот традиционален новогодишен прием на партијата.
„Додека немаме вистински ветинг, додека имаме селективно судство што не врши функција според законите, туку нештата ги гледа од која етничка припадност доаѓаш, упатувам порака без оглед на политичката чистка и бурите што ги прават, дека ДУИ е ураган“,
порачал Ахмети во своето обраќање, додавајќи дека спроведувањето на ветингот, кого, како што вели, го избегнуваат сите политички страни, е единственото решение за владеење на правдата.
Лидерот на ДУИ се осврнал и на меѓутничките односи во државата, потенцирајќи дека тие се клучни за иднината на земјата, а дека благодарение на Охридскиот мировен договор се прекинати трагедиите и е отворен патот на дијалогот и мирот. Да се ризикува овој договор, додал Ахмети, значи да се враќаме назад.
„И ние не сме пишман што го прифативме договорот и го потпишавме договорот без разлика што компромисот не ги задоволува сите страни, но гарант на овој договор се ЕУ и САД. Претставниците на нашите граѓани, без разлика дали од СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, исто како нас треба да работат за граѓаните, бидејќи оваа држава не е држава со Уставот од 1989 година, кога се отстранија албанската и турската заедница. Овие пракси ниту биле, ниту се добри за мирот, стабилноста и безбедноста. Секое загрозување на Охридскиот договор е опасност, затоа што става во движење несакани опции за нас и за мирот и стабилноста на регионот“,
рекол Ахмети.
Предупредил дека ќе биде пружен невиден отпор со секој обид за промена на Законот за јазиците. Во оваа смисла рекол дека не сакаат конфликт туку влез во Европската Унија.
Во однос на спроведувањето на ветингот, за кое рекол дека го избегнуваат сите политички страни, според Ахмети, е единственото решение за правда, правично правосудство и баланс на властите во државата.
„Да користиш селективна правда со реторика ‘повторно Македонија на Македонците’, е колку неправедно, толку и опасно, затоа што очигледно во правосудниот систем се користи селективна правда, кадрите Албанци се омаловажуваат. Ова не е добро и предизвикува револт во големи размери кај Албанците, но и кај другите етнички заедници… Не знам зошто страните го избегнуваат ветингот – да се направи избор на судии и обвинители од оние кои докажале дека го применуваат законот“,
додал Ахмети.