Според него, не треба да се занимаваме со теми од изминатите 20 години туку да гледаме во иднината

Пораки за обединување на сите граѓани во земјава, испрати лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вечерва на една од средбите со партиските членови што ги организира последниот период кога „огнената група“ јавно изразува револт од функционерите од редовите на ДУИ во Владата.
Ахмети во говорот повика Албанците да се обединат и да ги повикаат македонските сограѓани за сите заедно да ја носат државата кон ЕУ.
„Скринингот мора да биде завршен во ноември, така што овој процес мора да го поминеме чекор по чекор. Имаме уште многу работа, бидејќи само така ќе се приближиме до Европа. Така се постигнува подобар стандард и се запира миграцијата и луѓето остануваат и се враќаат во својата земја. Да ги обединиме сите Албанци, да го направиме проевропскиот фронт, да ги повикаме нашите македонски сограѓани и да ја водиме оваа земја кон ЕУ“,
рече Ахмети на средба во Врапчиште.
Во гласањето на уставните измени, рече тој, треба да се вклучат сите политичари без разлика од која партија доаѓаат. Според него, не треба да се занимаваме со теми од изминатите 20 години туку да гледаме во иднината.

„Слушаме обвинувања и клевети за кражби, но јас не се занимавам со празни изговори. Посветени сме на обединување на политиките во државата, затоа што сега е решавачкиот момент за единство и заеднички јазик, сега е моментот за проевропскиот фронт. Албанците заедно со нашите сограѓани мора да се обединат, па да не се зафаќаме со теми поврзани со изминатите 20 години, туку да гледаме во иднината. ДУИ е излезена од важни процеси, затоа мора да се инвестира во младите и да се жртвуваме за нивно добро“,
рече Ахмети.
Покрај него, на партискиот настан во Општина Врапчиште присуствуваа и неколку функционери, меѓу кои претседателот на Собранието Талат Џафери, првиот вицепремиер Артан Груби, генералниот секретар на ДУИ Фатон Ахмети и пратеникот Бајрам Кадрија.