А ние, Албанците, вели лидерот на ДУИ, не сме против нив, туку нас нè имаат како поддршка, да не ја изгубат поддршката на нивните сограѓани кои никогаш не го оспориле ниту идентитетот ниту јазикот, туку секогаш дале поддршка
Ако се патриоти, тогаш треба да поддржат промена на Уставот и Бугарите да бидат уставна категорија, зашто на овој начин македонскиот народ ќе биде легитимиран на меѓународно ниво. Ова во своето годишно обраќање го порача лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, обраќајќи ѝ се на опозицијата, за која оцени оти не ѝ е во прв план членството на земјава во Европската Унија, туку, како што вели, доаѓањето на власт.

„Сум им рекол и на нив во нашите средби, а уште еднаш и јавно кажувам – ако се патриоти, тогаш треба да подржат промена на Уставот и Бугарите да бидат уставна категорија, затоа што на овој начин македонскиот народ ќе биде легитимиран на меѓународно ниво. А ние, Албанците, не сме против нив, туку нас нè имаат како поддршка, да не ја изгубат поддршката на нивните сограѓани кои никогаш не го оспориле ниту идентитетот ниту јазикот, туку секогаш дале поддршка“,
рече Ахмети во своето обраќање.
Говорејќи во оваа насока, лидерот на ДУИ оцени оти „за нашиот народ не може да се направи поголема услуга од членството во ЕУ“, а на тој пат, како што рече, важно е земјите од Балканот да чекорат рамо до рамо.
„Нема како да се двоуми Европа за членство на нашата земја, на Албанија, на Косово и Црна Гора, сè до исполнување на стандардите, и на Србија со прифаќање на најновата држава во Балканот, Косово. Сите сме Европејци. Затоа апелирам, исто како што сум рекол и пред десет години, затоа што Украина не е далеку, ѝ велам не на Русија – да на Европа. Да чекориме сите заедно, рамо до рамо, сè до реализација на оваа програма“,
рече лидерот на ДУИ и додаде дека со членството во ЕУ луѓето ќе останат во својата земја.
Во своето годишно обраќање, Ахмети посочи и дека ДУИ во текот на годините се обидела да направи научна политика, а не фолклорна, како и дека се обидела да направи рационална политика и филозофија, а не емоционална политика.