Речи е именуван на предлог на министерот за правда Кренар Лога, а по претходно распишан оглас. Тој на позицијата ќе го наследи Фехми Стафа кој беше државен правобранител од август 2018 година

Владата денеска го именуваше Агрон Речи за нов државен правобранител на Република Северна Македонија.
Речи на позицијата шеф на Државното правобранителство доаѓа откако нешто повеќе од две години беше државен правобранител на подрачјето во Охрид.
„Новоименуваниот државен правобранител Речи е досегашен државен правобранител од подрачната единица на Државното правобранителство – Охрид, каде ја извршувал функцијата од ноември 2020 година. По професија е дипломиран правник, според наведеното во неговата биографија, со долгогодишно правничко искуство во сектори за правни, кадровски и општи работи“,
соопштија од Владата.
Речи, како што посочуваат од владината прес-служба, е именуван на предлог на министерот за правда Кренар Лога, а по претходно распишан оглас.
Тој на позицијата ќе го наследи Фехми Стафа кој беше државен правобранител од август 2018 година.
Стафа, пред да стане државен правобранител, работел во двата основни суда во Скопје (граѓанскиот и кривичниот суд) и во поранешниот Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор. Агрон Речи е нов државен правобранител.