„САД ќе продолжат да ги именуваат официјалните лица од која било партија, структура на власта, или заедница, коишто се вмешани во значителна корупција. Луѓето од Северна Македонија заслужуваат правда и отчетност од нивните институции, за да се запре напливот на криминално однесување и да се отстрани корупцијата како рак-рана“, вели Агелер

Денешната одлука за ставање на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и на актуелниот градоначалник и претседателски кандидат Стевчо Јакимовски на „црната листа“ на САД не треба да бидат изненадување за никого, вели американската амбасадорка Анџела Агелер во изјава што на својот фејсбук-профил ја пренесе амбасадата.
„САД ќе продолжат да ги именуваат официјалните лица од која било партија, структура на власта, или заедница, коишто се вмешани во значителна корупција. Луѓето од Северна Македонија заслужуваат правда и отчетност од нивните институции, за да се запре напливот на криминално однесување и да се отстрани корупцијата како рак-рана“,
вели Агелер.
Американскиот Стејт департмент денеска именуваше повеќе функционери од Западен Балкан на „црна листа“, меѓу кои и поранешната специјална главна обвинителка на Северна Македонија, Катица Јанева и актуелниот градоначалник на Карпош и кандидат за претседател на Северна Македонија, Стевчо Јакимовски.
Во извештајот се вели дека постапките на Јанева и Јакимовски ги поткопале владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси во земјата.
Основа за ставање на Јанева на „црната листа“ на САД е тоа што за време на нејзиното шефување со поранешното Специјално јавно обвинителство била вмешана во коруптивни дела, како и користење на политичкото влијание и моќта за нејзина лична корист.
Според објавата на американскиот Стејт департмент, за Јанева постојат веродостојни информации за тоа дека побарала и примила поткуп за да влијае на Обвинителството под нејзина надлежност.
За Јакимовски, пак, се наведува дека како градоначалник на Општина Карпош бил вмешан во коруптивни дела. Наведено е дека службената положба ја користел да влијае во урбаниот развој на Општината, во процесите за јавни набавки, со цел преку нив да прибави корист за себе и за своите соработници.
Покрај Јанева и Јакимовски, Стејт департментот на „црната листа“ ги стави и членовите на нивните потесни семејства, односно двата полнолетни сина на Јакимовски, Гоце Јакимовски и Дамјан Јакимовски.
На „црната листа“ се ставени и синот на Јанева, Лазар Јанев, кој е адвокат, како и сопругот Венци Јанев, кој е починат.
Овие дејствија ги прават Јанева, Јакимовски и членовите на нивните потесни семејства генерално неподобни за влез во САД.