Американската амбасадорка, неодамна во интервју за ТВ24 не ја исклучи можноста до крајот на изборниот процес во мај да има нови имиња од државата на американската „црна листа“. Таа потенцира дека се разгледуваат голем број имиња и дека се прават проценки
Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер денеска се сретна со шефот на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, Гаврил Бубевски.
Како што информираат од Амбасадата на САД во Скопје на социјалната мрежа Фејсбук, Агелер на средбата со Бубевски ја изразила поддршката за независното обвинителство.
„Ја изразив нашата поддршка за независното обвинителство, кое е клучно за унапредување на владеењето на правото и евроатлантските интеграции на Северна Македонија. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат правда и непристрасно одлучување“,
потенцирала амбасадорката Агелер, се посочува во објавата на американската амбасада.
Американската амбасадорка, неодамна во интервју за ТВ24 не ја исклучи можноста до крајот на изборниот процес во мај да има нови имиња од државата на американската „црна листа“. Таа потенцира дека се разгледуваат голем број имиња и дека се прават проценки.
„Нашата работа, партнерствата, активностите, програмите, системите кои ги градиме се врз приоритетите кои ги делиме со оваа земја и овие граѓани. Пред да дојдам тука, пред Сенатот да го потврди моето назначување, со оглед дека имам тука и многу пријатели, слушнав за големите грижи во врска со корупцијата. Истото важи и за американските амбасадори пред мене. Причината зошто јас зборувам за тоа, зошто мојот тим зборува за тоа, зошто во САД се зборува за тоа, зошто политичките лидери во Вашингтон зборуваат за тоа, е затоа што секојдневно слушаме за тој проблем. Искрено, тоа е како рак кој го спречува напредокот во оваа земја. Мора да зборуваме за тоа. Граѓаните на оваа земја заслужуваат да имаат лидери, политичари и функционери во здравството, образованието, во судството и да работат за нив на транспарентен начин. И да ги казнат тие што не ги почитуваат правилата, кои преземаат коруптивни активности за нивна корист“,
рече Агелер.
Владата денеска ги потврди и ги прати до Собранието измените на Законот за рестриктивни мерки со кои се прошируваат целите на законот, односно, се додава „борба против корупцијата, злоупотребата на службената должност и хибридните закани врз државата“. Се проширува и основот со додавање на правните акти на САД и Обединетото Кралство и се прошируваат инструментите со две привремени мерки за обезбедување – забрана за кандидирање и вршење на јавна функција и учество во јавни набавки за правни лица.
