Амбасадорката на САД ја истакнала потребата од силна поддршка на заложбите за независно и транспарентно судство и дека активностите на највисокиот суд во државата во таа насока даваат клучен придонес во реформскиот процес
Независноста на судството и клучните фактори кои придонесуваат за тоа биле главни теми на денешната средба на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, со американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер.

На средбата, на која присуствувале и судиите на највисокиот суд во државата, во таа насока било истакнато дека независноста на судството е најсилната гаранција за владеењето на правото и дека интегритетот на судиите е клучен фактор за остварување на овие принципи.
„Судството не смее да биде под притисок на политиката и не треба да се дозволи мешање на другите власти во донесувањето на судските одлуки кои мора да се засновани на законите. Потребно е да се почитува уставното начело на поделба на власта, а судиите да бидат ослободени од какви било влијанија“,
се наведува во соопштението од Врховен за средбата со амбасадорката на САД.
Транспарентноста исто така била посочена како еден од факторите која е од суштинско значење за независноста на судството.
„Суштинска улога за независноста на судството има и транспарентноста како еден од најважните фактори за јавната перцепција и доверба. Од големо значење е и доследната примена на европските стандарди и почитувањето на правните вредности“,
било истакнато на средбата.
Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, ја истакнала потребата од силна поддршка на заложбите за независно и транспарентно судство и дека активностите на Врховниот суд во таа насока даваат клучен придонес во реформскиот процес.