„Имаме строги закони за приватност во САД, па затоа не можам да дискутирам за никакви проблеми со визите на кој било индивидуалец. Би ве упатила до министерот за да разговарате за тоа што се случило, но само ќе ви кажам дека на секој апликант за виза во САД му се објаснува процесот и доколку има нешто дополнително, и тоа се објаснува“, изјави денека американската амбасадорка
Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, денеска, одговарајќи на новинарски прашања, не сакаше да коментира поради кои причини министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, бил одбиен за американска виза. Таа ги упати новинарите да бараат одговор од министерот.
„Имаме строги закони за приватност во САД, па затоа не можам да дискутирам за никакви проблеми со визите на кој било индивидуалец. Би ве упатила до министерот за да разговарате за тоа што се случило, но само ќе ви кажам дека на секој апликант за виза во САД му се објаснува процесот и доколку има нешто дополнително, и тоа се објаснува“,
изјави Агелер која заедно со премиерот Христијан Мицкоски беа во Центарот за обука на МВР во Идризово на свеченоста по повод предавање на акредитацијата од Меѓународната асоцијација на директори на полициски академии за стандарди и обуки (ИАДЛЕСТ).
Зошто министерот Лимани бил одбиен за виза, не сакаше да каже ниту премиерот Мицкоски.
„Би било непристојно да ја натсинхронизирам амбасадорката Агелер. Тоа што е поврзано со процедурите за издавање виза на американската администрација, многу фино ви објасни“,
рече кратко премиерот одговарајќи на новинарско прашање.
Како што објави вчера „360 степени“, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, кој доаѓа од редовите на коалицијата „Влен“, на 11 март требало да присуствува на настан на ОН за жени во Њујорк, САД. Темата била „Зајакнување на промените: Отклучување на трансформативното родово влијание во Западен Балкан и Источна Европа во организација на Молдавија“, а Лимани бил планиран како панелист. Но, Лимани не отпатувал за Њујорк бидејќи бил одбиен за американска виза.
„Причината за ‘пречката за слободно движење’ произлегува од фактот што жртвував сè за да го вратам Али Ахмети (заедно со неговите деца и пријатели) во неговата татковина користејќи начини и средства кои не се дозволени со меѓународното право. Ова нека послужи како потсетник за идните генерации да внимаваат кому му веруваат и за што се жртвуваат, за да не се осудат на вечно ропство. Ако сакате подетално објаснување… кажете му на Али Ахмети да избере дебатна емисија и телевизиска куќа и ќе бидете поинформирани… Движењето и ‘борбата’ за права на својот народ ме ‘осудува’, а вас криминалот и кражбата на вашиот народ“,
реагираше Лимани на Фејсбук.
Оставка или разрешување на Лимани побараа од СДСМ и Алијанса на Албанците на Зијадин Села.
„360 степени“ вчера се обиде да стапи во контакт со министерот Лимани за да го прашаме за причината поради која бил одбиен за виза, дали добил некакво објаснување, но тој не одговори на нашите повици и пораки.
Испративме и прашање до Владата, дали премиерот Мицкоски има информации за причините поради кои Лимани не добил американска виза и дали ќе има некоја реакција од негова страна. Одговорот ни стигна денеска:
„Во врска со Вашите прашања поврзани со процесот на издавање на виза, Ве информираме дека имаше одговор на оваа тема, на кој како Влада, не би имале што да дополниме“.