Иако ваквиот исход се предвидуваше со месеци, традиционалните центристички партии не успеаја да го променат трендот што кулминира на изборите викендов и предизвика шок во политичкиот пејзаж на земјата
Екстремнодесничарската Алтернатива за Германија (АФД) е на врвот на листата со освоени гласови во Тирингија и е втора во Саксонија, покажуваат прелиминарните резултати од парламентарните избори што викендов се одржаа во овие две сојузни покраини на Германија, пренесуваат светските медиуми.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изрази загриженост од ваквиот изборен резултат и ги повика главните партии да формираат влади без, како што ги нарече, „десничарските екстремисти“.
Гласачите во двете сојузни покраини од поранешниот комунистички исток, како што оценува „Гардијан“, на изборите кои се следеа со големо внимание, го искажале своето незадоволства од главните политички партии ставајќи ја АФД на првото место во Тирингија, со 32,8 отсто од гласовите и на второ место во Саксонија со 30,6 отсто, според прелиминарните резултати.
Ваквите резултати Шолц ги нарече горчливи и загрижувачки.
„Нашата земја не може и не смее да се навикне на ова. АФД ѝ штети на Германија. Тоа ја ослабнува економијата, го дели општеството и го уништува угледот на нашата земја“,
рече Шолц додавајќи дека најстрашните предвидувања дека неговите централнолевичарски социјалдемократи (СПД) би можеле да испаднат од државниот парламент по првпат не се оствариле.
Од друга страна колидерката на АФД, Алис Вајдел, првичните резултати од изборите ги нарече историски успех за нивната партија.
„Првпат стануваме најсилна сила на државни избори“,
рече таа.
Во своето 11-годишно егзистирање на германската политичка сцена, АФД минатата година ги освои првите градоначалнички позиции и окружни владини функции, но никогаш не беше дел од државна влада. Другите демократски партии ветија дека ќе одржуваат опозициски „заштитен ѕид“ кон АФД и ќе ја држат партијата надвор од владејачките структури.
Изборните резултати во Саксонија и Тирингија се покажуваат како катастрофални за трите владејачки партии (Социјалдемократите, Зелените и Либералите) во федералната влада на Шолц. Секоја од од нив освои едноцифрен процент на гласови во двете покраини на само една година пред одржувањето на следните општи избори во Германија.
Иако ваквиот исход се предвидуваше со месеци, традиционалните центристички партии не успеаја да го променат трендот кој кулминира на изборите викендов и предизвика шок во политичкиот пејзаж на земјата.
Излезеноста на парламентарните избори во двете покраини, како што пренесуваат медиумите, е мошне висока, околу 74 проценти.
Левичарската, но социјално конзервативна алијанса Сара Вагенкнехт (БСВ), именувана по нејзиниот водач, со повици за повисоки даноци за богатите, построги мерки во однос на имиграцијата и ставање крај на воената поддршка за Украина, исто така го побуди интересот кај гласачите.
Бидејќи ниту една партија нема апсолутно мнозинство, токму БСВ, која постои осум месеци, може да се покаже како клучна во разговорите за формирање влада во двете сојузни покраини. Според прелиминарните резултати, оваа партија во Саксонија освоила 11,8 отсто од гласовите, а во Тирингија 15,8 отсто.
Конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ), која води на националните анкети, според првичните резултати, е на добар пат да победи во Саксонија, како пред пет години, со освоени околу 32 проценти од гласовите. Ова, како што оценуваат медиумите, ќе му даде ветер во грб на нејзиниот лидер Фридрих Мерц да го предизвика Шолц на националните избори в година.
Во Тирингија, пак, ЦДУ се најде на второто место зад АФД, со 26,3 отсто освоени гласови.
Многу гласачи од истокот велат дека сè повеќе се разочарани од мејнстрим политиката по повеќе од три децении од националното обединување на земјата. Според нив, долготрајното влијание на структурниот пад, депопулацијата и заостанатите економски перформанси го зголемуваат чувството дека тие сè уште се граѓани од втор ред, пишува „Гардијан“.
Антимигратската и антисламска АФД во последната недела од изборната кампања го експлоатираше крвавиот напад во градот Солинген, за кој е осомничен Сириец, кој бил одбиен за азил, а на дел од изборните собори користеше и забранети нацистички слогани.
Што се однесува до владејачката коалиција предводена од Олаф Шолц, медиумите пишуваат дека секоја од трите партии што ја сочинуваат имала свои причини да се плаши од резултатите на изборната ноќ во неделата.
Растргната од идеолошки разлики и лични ривалства, сојузната влада, како што пишува „Гардијан“, во последните месеци не успеа да ги реализира своите главни политички иницијативи, меѓу кои ставање на нозе на ослабнатата економија и повеќе електрични возила на германските патишта.
Колидерот на Зелените, Омид Нурипур, неодамна ја опиша владината коалиција во Берлин како преодна влада во периодот по 16-годишното владеење на Ангела Меркел.
Вчера Нирупур излезе со, како што наведува „Гардијан“, отрезнувачка оцена за изборните резултати велејќи дека успехот на крајната десница предизвикува страв и загриженост кај многу луѓе.