Адвокатот на Митко Чавков, Сашко Дукоски, ги нарече будалаштини од најдолен вид обвинувањата од Александар Василевски-Нинџа дека лица од патриотските здруженија, кои биле во придружба на ќерката на Чавков, утрово му се заканувале.

„Видовте некој од семејството на Чаков пред да започне судењето? Сега да отидете, тие се наоѓаат во Лисиче и во Струмица, овде нема никој. Тоа е истото сценарио кое се повторува и поради кое некој доби 8 години затвор, а други 15 години. Кооперативност со обвинителството. Будалаштина од најдолен вид. Ниту закана ниту ништо. Кој кому ќе се заканува? Зошто се тука командирите? Туку кој си ја има мувата на капата, си кажува“,
изјави Дукоски.
Нинџа, пак, кажа дека освен утрово, на денот на изрекување на пресудата (15 март 2019) добил директна закана од Чаков, а додека е во притвор му се заканувале и политичари. Тој неодамна беше и кај обвинителката Вилма Русковска за да пријави закани.
Адвокатот на Чавков изјавата за заканите ја даде пред медиумите, а во судница пред судиите од Апелацискиот суд Скопје, пак, ја образложуваше жалбата за затворската казна од 18 години која ја доби ексдиректорот на БЈБ.
Тој порача дека за „27 април“ секој „што ќе го накалемел Чавков“ можел да се спаси. Дукоски побара од апелациските судии да ја укинат пресудата и да го вратат предметот на повторно судење.
„Останувам на предлогот дека поради сите суштествени повреди, нејаснотијата на целата пресуда, немањето на какви било докази, најмалку што може овој суд да направи е да ја укине пресудата“,
рече адвокатот.
Тој додаде дека Апелација треба концизно да наведе што недостасува во пресудата од Основниот кривичен суд.
„Таму лицата беа осудени уште со самото приведување. Тоа се гледаше и од постапувањето на претседавачот на судечкиот совет (судијката Добрила Кацарска). Тоа се гледаше во секоја секунда на тие 62 рочишта кои се одржаа во Кривичниот суд“,
рече Дукоски.
Дукоски детално образложуваше зошто смета дека пресудата треба да се укине и дека ова дело, според него, не може да биде квалификувано како терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
„Сакаа да му накалемат дека со неиздавање наредби сторил вакво кривично дело. Дури и да е точно дека не издал наредба, а не е точно, тоа не е доволно ни за дисциплинска постапка, а не за вакво кривично дело“,
смета бранителот.
Лична жалба од затворот имал напишано и Чавков, како што тврди неговиот адвокат, но неа ја немаше пред апелациските судии, па Дукоски најави и можно покренување кривична постапка за тоа. Чавков последен ќе зборува на јавната седница во Апелација за да може да ја конципира жалбата.
Досега зборуваа и дел од адвокатите на другите обвинети кои, исто така, побараа укинување на пресудата поради суштествени повреди на постапката и сметаат дека нивните клиенти не може да се товарат за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Јавната седница пред второстепениот суд започна вчера, а термин има и за утре поради обемноста на предметот.
Шеснаесет обвинети добија затворска казна од вкупно 211 години. Игор Дурловски е единствениот што доби ослободителна пресуда за што, пак, жалба поднесе обвинителството. Петнаесет лица од овој предмет беа амнестирани со Законот за амнестија, кој Собранието го донесе во декември 2018.