Џина Хаспел беше назначена за директорка на ЦИА од Доналд Трамп во 2018 година
Сидни Пауел, адвокатката на претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека директорката на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Џина Хаспел, треба да биде сменета затоа што немала забелешки и не се огласила за употребата на изборниот софтвер „Доминион“, за кој Трамп и неговите приврзаници тврдат дека е искористен за изборна измама за да се обезбеди победа на Џозеф Бајден.
Во интервју за Фокс њуз, Пауел ги повтори тврдењата на Трамп дека софтверскиот систем „Доминион“ се користел во неколку држави каде што победи Бајден, пренесува Би-би-си.
Иако овие тврдења беа демантирани од многубројни независни експерти, Пауел тврди дека имаат изјави од „свиркачи“ кои ќе ѝ ги презентираат на јавноста, дека овој софтвер бил користен за бришење на милиони гласови на гласачите на Трамп.
На новинарско прашање дали има докази што ги поткрепуваат нејзините тврдења, Пауел одговори дека нема намера да објавува такви информации на телевизија.
Хаспел беше назначена за директорка на ЦИА од Доналд Трамп во 2018 година и таа е првата жена во историјата на ЦИА на оваа позиција.