И во земјава и воопшто, постапките со многу обвинети често се обременети од аспект на правата на одбраната, што судењето го прави долго, тешко и со многу рочишта, вели во гостувањето во „360 степени“ адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска
Од формален аспект таа смета дека истрагата се одвива брзо и со добра усогласеност меѓу Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи, особено ако се има предвид дека Владата почна постапка за разрешување на државниот јавен обвинител

Вкупно 27 лица се под истрага за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани кој одзеде 59 човечки животи. Некои се товарат за настани уште од 2012 година, додека други за дејствија што ги презеле или не ги презеле на критичниот ден – 16 март 2025 година.
На прашањето, што треба јавноста да сфати од таквиот пристап на обивинителството, особено што сите осомничени лица се товарат за исто кривично дело, адвокатата Сузана Јошевска-Анастасовска во гостувањето во „360 степени“ одговори:
„Најнапред, како увертира, во една реченица за јавноста да сфати, обвинителот во петокот, ова вие што го прочитавте е наредба за спроведување на истрага, која, во принцип, и праксата така покажува, е едно кроки за идното обвинение. И тоа така треба да биде бидејќи обвинителот, Обвинителството, во наредбата за истрага ги поставува темелите за тоа како ќе ја води доказната постапка, односно кои докази ќе ги прибира за да може да стигне до обвинение кое ќе биде издржано пред судот“.
На прашањето, пак, да даде генерална оценка на досегашниот тек на истрагата, врз основа на тоа што е досега јавно познато, Јошевска-Анастасовска одговори дека нејзиниот впечаток е дека се одвива брзо и со добра координација меѓу Јавното обвинителсто и МВР. Особено што непосредно пред несреќата, Владата тргна да го разрешува државниот јавен обвинител, што доведе до влошени односи меѓу нив.
„Добро е што како граѓани чувствуваме дека тие несогласувања ги имаат ставено на страна и се заедно насочени кон една цел, а тоа е да се добијат што е можно повеќе сознанија во оваа рана фаза, за да може понатаму да работат во истрагата и да се откријат сите кои на каков било начин се директно и индиректно одговорни за оваа несреќа. Од тој аспект, формалниот впечаток е дека тече системски добро, одлично, со впрегнување на сите можни сили, и верувам дека е така. Она што го добиваме како информација од Обвинителството е дека работат многу обвинители, а и останати органи на државната управа кои помагаат во добивањето на сознанијата. Тоа што поткрева дилеми, од петокот навака, е на кој начин Обвинителството се одлучува уште отсега да ги постави контурите на идното обвинение“,
изјави Сузана Јошевска, адвокатка.
Додека впечатокот на Јошевска, како правник, е дека истрагата се одвива добро од формален аспект, таа има резерви за стратегијата на надлежните да се оди на голем предмет, со многу осомничени и веројатно обвинети.
Еве како таа ја толкува наредбата за истрага, како што ја прочита државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски:

„Тие значат дека сите 27 споменати лица кои се поделени во одредени групи во согласност со пропустите за кои Обвинителството смета дека ги направиле, не одговараат во рамките само на своите дејствија, туку сите како соизвршители одговараат за едно кривично дело и за една штетна последица, а тоа е трагедијата што се случи. Тоа значи дека обвинителството се одлучува да прави еден голем предмет, барем во оваа рана фаза на постапката така изгледа, во кој ќе има многу обвинети. Тоа самото по себе покренува многу дилеми бидејќи и во Македонија и општо, историјата покажува дека мегапредметите со многу обвинети имаат проблеми во понатамошниот тек од постапката, особено кога ќе влезат во суд, особено од аспект на права на одбраната, од аспект на разноразни права кои мора да им се дадат. Тоа ја прави постапката долга, тешка, тромава, со многу рочишта итн.“
На дополнителното прашање за начинот на кој, на пример, поранашниот градоначалник Ратко Димитровски, кому му завршил мандатот во 2017 година, ќе се доведе во директна врска во пожарот, таа вели:
„Тоа е невозможно, да речам, вака со овие сознанија кои сега ги имаме од Обвинителството. Можеби имаат други сознанија, не знам, но од ова што се пласира, а немаме повеќе детали, некој да одговара за нешто што во рамки на неговиот мандат, кога ги имал тие должности и одговорност и да речеме ги направил тие пропусти, но немало никаква штетна последица од неговите пропусти, да одговара за нешто десет години подоцна – тоа е тешко докажливо“.
Јавното обвинителство ја донесе наредбата за истражна постапка во петокот, на 21 март 2025 година, пет дена по пожарот во Кочани. Освен 27 лица кои се под истрага во главниот предмет, под истрага се и седум полициски службеници, но тоа е засебен предмет кој го води специјализираното одделение во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Во притвор се 24 лица, а тројца од осомничените се во болница.