Покрај Роман Абрамович, сојузникот на Путин, Игор Сечин, исто така, е меѓу седумте олигарси и политичари кои ќе бидат додадени на листата со санкции на Лондон

Владата на Велика Британија го санкционира рускиот олигарх Роман Абрамович, замрзнувајќи го неговиот имот, вклучително и на англискиот фудбалски клуб Челзи.
Во денешното соопштение, Владата соопшти дека на Абрамович му се замрзнати средствата и добива забрана за трансакции со поединци и бизниси во Велика Британија, како и забрана за патување.
Иако набргу по почетокот на руската инвазија на Украина, Абрамович изјави дека ќе го продаде Челзи, сепак, со најновите санкции од Британија, продажбата на клубот е стопирана, а Челзи истовремено доби посебна дозвола да продолжи со многубројни активности поврзани со клубот.
Покрај Роман Абрамович, партнерот на Путин, Игор Сечин, исто така, е меѓу седумте олигарси и политичари кои ќе бидат додадени на листата со санкции на Лондон.
Списокот уште ги вклучува и Олег Дерипаска, кој има удели во „Ен+груп“, Андреј Костин, претседател на ВТБ банка, Алексеј Милер, извршен директор на енергетската компанија „Газпром“, Николај Токарев, претседател на руската државна компанија за гасоводи „Трансњефт“ и Димитриј Лебедев, претседател на одборот на директори на Банката на Русија.